Утрински Весник
Скопје

Се обновува неврохируршката служба во градската општа болница „8-ми Септември“

Gradska Opsta Bolnica Osmi Septemvri 8.jpg

Се обновува неврохируршката служба во градската општа болница „8-ми Септември“ по повеќе години пауза. Денеска успешно се оперирани двајца пациенти со тежок деформитет на ’рбетниот столб и стеноза на спиналниот канал .

Од ,,8-ми Септември” велат дека интервенциите се изведени согласно најсовремените медицински протоколи, а пациентите се во стабилна постоперативна состојба. 

ГОБ „8-ми Септември“ посочува дека обновувањето на службата претставува значаен чекор кон унапредување на здравствените услуги и обезбедување континуирана, современа и квалитетна неврохируршка здравствена заштита.

Со повторното активирање на Неврохируршката служба, појаснуваат, пациентите ќе имаат пристап до дијагностика, оперативен третман и постоперативна грижа за широк спектар на неврохируршки состојби, вклучувајќи заболувања на мозокот, ’рбетниот столб и периферниот нервен систем.

– Нашата цел е да обезбедиме безбедна, ефикасна и навремена здравствена услуга, со фокус на добросостојбата и квалитетот на живот на пациентите – велат од болницата.

Истакнуваат дека повторното функционирање на Неврохируршката служба ќе придонесе за намалување на потребата од упатување на пациентите во други здравствени установи, како и за подобрување на достапноста на специјалистичка здравствена заштита во нашата средина. 

Можете да прочитате

Координативен состанок со скопските градоначалници за последиците од невремето

Екипите на Општина Чаир непрекинато на терен по невремето

ЈП Комунална хигиена спроведува активности за расчистување по вчерашното невремето