Утрински Весник
Македонија

Се најавуваат поплави и невреме на Балканот и во Македонија

Whatsapp image 2026 10 08 at 10.14.59.jpeg

Голема промена на временските услови се очекува на Балканот во наредните денови, под влијание на циклонски систем што ќе се формира над Џенова. Од четврток (8 октомври), а особено во петок и во текот на викендот, регионот ќе биде зафатен од нестабилно време со обилни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер.

Според метеоролошката прогноза, продорот на ладен воздух од северозападните делови на Европа ќе придонесе за формирање секундарен циклон над Џенова, кој ќе предизвика значителна промена на временската состојба на Балканскиот Полуостров.


Најизразено невреме се очекува од петок (9 октомври) до недела (11 октомври), кога во повеќе делови од регионот се прогнозираат интензивни врнежи, силни грмежи, ветер и услови за појава на град. Долж Јадранското приморје постои можност и за формирање водени пијавици, односно торнада над водена површина.

Особено обилни врнежи се најавуваат долж Јадранското приморје, во југозападните делови на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Во овие подрачја локално се прогнозираат од 90 до 150 литри дожд на квадратен метар, а на одредени места количината би можела да надмине и 200 литри.

Ваквите врнежи би можеле да предизвикаат поројни поплави и излевање на водотеците, поради што се упатува апел до граѓаните да бидат внимателни и да ги следат предупредувањата од надлежните институции.

Нестабилно време и во Македонија – најмногу дожд на западот

Промената на времето ќе ја зафати и Македонија, каде што се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои на одредени места ќе бидат пообилни.

Најмногу дожд се прогнозира во западните делови од земјата, каде што локално би можеле да наврнат повеќе од 30 литри на квадратен метар.

Во делови од Македонија се очекува развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Не е исклучена ниту појава на локално невреме.

За разлика од поголемиот дел од Балканот, каде што за време на викендот се очекува пад на температурите, во Македонија тие ќе останат релативно високи, без позначителни промени во однос на сегашните вредности.

Граѓаните се советуваат да бидат внимателни при движење на отворено за време на грмежи и интензивни врнежи, особено во подрачјата каде што постои ризик од поројни поплави.

Можете да прочитате

Од бостан, дињи и пиперки собрав 350.000 евра вели мајката на судијата Ѓоко Ристов кој сведочеше за парите скриени во ѕид

Маж пронашол неексплодирана рачна бомба покрај река во Скопско

Јанчев: ДПМНЕ ја остава вратата отворена за бизнис со опожарени шуми – вторпат не го поддржа предлогот на Левица за 50-годишна забрана за сеча и градење