
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ја претстави предлог-резолуцијата со која, како што рече, се дефинираат заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Филипче нагласи дека резолуцијата е потврдена врз основа на сите досегашни стратешки документи, договори и иницијативи на Собранието и Владата, и ја поставува рамката во која сите политички субјекти и институции ќе треба да делуваат во наредниот период.
Особен акцент во документот е ставен на временската рамка за уставните измени, кои се дефинирани како последна пречка за напредок во европската интеграција.
Временска рамка за уставни измени, според резолуцијата:
Од 15 до 25 ноември 2025 година, Владата треба да се изјасни околу поднесените амандмани за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот – дали останува на истиот текст или предлага нов.
Доколку има нов текст на амандманите, тој треба да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година.
Собранието треба да ја започне постапката за измена на Уставот најдоцна до 15 декември 2025 година, кога е предвидено и првото гласање.
Финалното гласање за уставните измени треба да се одржи најдоцна до 10 февруари 2026 година, кога треба да се усвои и Уставниот закон за нивно спроведување.
Истовремено, Владата ќе испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека обврските за одблокирање на процесот се исполнети, заедно со сите подготвени документи (патокази).
Очекувања од ЕУ
Со ова писмо, Владата ќе побара Европската комисија да организира Меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија, на која ќе се донесат одлуки за одблокирање на преговорите и отворање на првиот кластер – „Темелни вредности“. Ова, според резолуцијата, треба да се случи не подоцна од 15 февруари 2026 година.
Заштита на националните интереси
Во предлог-резолуцијата се потенцира дека Владата и сите државни институции мора доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Преговорите, се нагласува, треба да се водат на рамноправна и принципиелна основа, во согласност со меѓународното право и со целосно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во согласност со Резолуцијата усвоена од Собранието на 29 јули 2021 година.
Документот дополнително утврдува дека во текот на преговорите за пристапување, па сè до нивното завршување со потпишување на Договорот за членство, Владата нема да прифати промена на решението за македонскиот јазик утврдено во Преговарачката рамка. Со полноправното членство, македонскиот јазик ќе стане еден од службените јазици на ЕУ, без какви било додавки, објаснувања или фусноти, во согласност со заклучоците на Собранието донесени на 16 јули 2022 година.
Во резолуцијата јасно се нагласува и дека билатералните прашања поврзани со добрососедските договори, кои не се дел од европското право и Копенхашките критериуми, не смеат да бидат услов за отворање и затворање на поглавјата и кластерите во процесот на пристапни преговори со Европската Унија.