
Изјава за медиуми на СДСМ, Трајан Димковски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство
Денеска, кога се слави традиционалниот „Тиквешки гроздобер”, манифестација која потсетува на важноста на лозарството и винарството, за нашите лозари е ден на разочараност и неизвесност.
Лозарите се оставени сами да се борат и со винариите и со државата.
И по една недела, нема никаков одговор од владејачкото мнозинство во Собранието, за предлогот што ние, од пратеничката група на СДСМ, го поднесовме за дополнителна финансиска поддршка на лозарите од 3 денари за килограм.
Додека бербата и откупот на винското грозје се ближат кон крајот, нема најава ниту дали, ниту кога ќе биде ставен на дневен ред предлогот за изменување на Законот за вино по скратена постапка, што го поднесовме во Собранието.
Ова само покажува дека власта нема слух, ниту желба да им помогне на лозарите.
Наместо да ги заштити лозарите, владата ги штити големите бизниси – винариите.
Додека власта нема слух за 3 денари поддршка за лозарите, без проблем им даде 2 денари поддршка на винариите.
Лозарите алармираат дека одредени винарии имаат увезено вино и затоа се намалува откупот на винското грозје, иако сè уште не е завршена бербата.
Ја повикувам владата да провери и да одговори колку вино е увезено, од кога и за која намена.
Недозволиво е, во сред берба, да се увезува вино, и одозгора на сè власта да ги наградува со 2 денари поддршка, а за лозарите, тие без кои што е невозможно производството на вино да нема финансиска поддршка.
Владата и МЗШВ не ја објавија производната цена на грозјето, иако се законски обврзани да го сторат тоа. Со тоа, винариите беа ослободени од обврската да ја почитуваат методологијата која предвидува надомест од најмалку 25% над производната цена.
Наместо реална и законска цена, лозарите добија зголемување на основната цена од само половина денар. Во 2023 година лозарите добиваа два, три денари дополнителна субвенција.
Повторно ги повикувам сите пратеници, особено мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ, да го стават на дневен ред и да го поддржат предлог-законот за дополнителна поддршка од 3 денари и за укинување на одредбата што дозволуваше 8% намалување на откупната цена.
Со овие измени директно им се помага на лозарите, да имаат исплатливо производство, да се обезбедат фер услови за откуп и да се спречат манипулации со нивниот труд.