Утрински Весник
Македонија

Савески – Костадиновски: Владеењето на правото бара дела, не декларации

Img 1b9d7f8122e13e355d370f11e5f4bf13 v.jpg

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија м-р Ненад Савески денеска оствари работна средба со Претседателот на Уставниот суд  д-р Дарко Костадиновски.

На средбата беа разменети мислења и информации за состојбите во правосудниот систем и владеењето на правото, како и за улогата и одговорностите на двете институции во насока на нивно унапредување и градење функционална правна држава.


Соговорниците ја истакнаа важноста од обезбедување максимална независност и самостојност на правосудните органи, како суштински предуслов за владеење на правото.

Претседателот Костадиновски нагласи дека политиката и државните органи треба да покажат повисока уставна, правна и политичка култура и да се воздржат од какви било влијанија и притисоци врз правосудството. Тој посочи дека транспарентноста е еден од клучните приоритети на Судот, при што воведувањето на јавно емитување на седниците претставува значаен чекор кон поголема отвореност и отчетност.

„Обидите за политизација и етнизација на работата на Уставниот суд и на било кој правосуден орган, како и креирањето перцепција за недоверба во институциите, претставуваат директен удар врз демократијата. Крајно време е политиката да ги тргне рацете од правосудниот систем, а правосудниот систем да испорача конкретни резултати“, истакна Костадиновски.

Јавниот обвинител Савески потенцираше дека без јасна одговорност и мерливи резултати не може да се говори за вистинско владеење на правото. Тој додаде дека транспарентноста е неопходен предуслов за зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.

„Јавното обвинителство останува цврсто посветено на доследно, навремено и непристрасно постапување, но истовремено е неопходно сите институции да преземат активна улога и да придонесат кон создавање систем што дава резултати. Недовербата во правосудството може да се надмине само преку конкретни постапки, професионален интегритет и видлива отчетност. Владеењето на правото не е декларативна определба, туку обврска која бара континуирана и одговорна акција“, истакна Савески.

На средбата, претседателот на Уставниот суд го информираше државниот јавен обвинител и за остварените работни средби во Атина, како и за можностите за понатамошна соработка, размена на искуства и поддршка на заеднички иницијативи, особено во пресрет на претседавањето на Грција со Европската Унија во 2027 година.

Можете да прочитате

Контролор во ЈСП во два наврати бил нападнат од патник без билет

Прегазено 14-годишно девојче во Куманово

Сиљановска Давкова: Климатските промени се реалност, неопходно е координирано дејствување и заедничка одговорност