
Американскиот сенатор Берни Сандерс, независен политичар и еден од критичарите на политиката на Израел, остро ја критикува американската поддршка за израелската влада под водство на Бенјамин Нетанјаху нарекувајќи го „екстремист одговорен за смртта на 50.000 луѓе во Газа“.
Во интервју за Си-ен-ен, Сандерс рече дека Соединетите Американски Држави не треба да даваат никакви дополнителни донации за владата на Нетанјаху додавајќи дека Комитетот за јавни односи на Америка на Израел (АИПАК) има премногу влијание врз американската политика во однос на Израел.
Тој исто така го критикува АИПАК за обидот да ги заплаши демократите, кои се против Нетанјаху, велејќи: „Ако му се спротивставите на Нетанјаху, тие ќе потрошат милиони долари за да ве поразат. Тоа не звучи како демократија“.
Покрај тоа, Сандерс изрази уверување дека американскиот претседател Доналд Трамп може сериозно да се кандидира за трет мандат нагласувајќи дека желбата на Трамп за моќ и богатство е клучна за неговите политички амбиции.
„Ништо не би ме изненадило во врска со Трамп“, додаде Сандерс.
Тој рече и дека за едно се согласува со Трамп, а тоа е дека системот е скршен, пренесува „Њузвик“.
Тој нагласи дека американскиот здравствен систем, како и системот за финансирање на кампањите, е длабоко проблематичен и дека е неопходно да се отстранат големите пари од политичките процеси.