Сакам да заборавам на инцидентот оти се’ друго поврзано со изложбата беше убаво чувство, вели сликарот Сергеј Андреевски откако минатата седмица членови на грчката забранета организација „Златна зора“ со маски и качулки на лицата упаднаа на неговата изложба во Каламариа, Солун.
Андреевски вели дека да се биде творец денес, во сопствен свет, со личен ракопис, или да се живее сопствениот сон со потези широко насочени кон светот не е едноставно.
„Живееме во време на пандемии, војни, економски турбуленции и воопшто, преструктурирање на планетата земја. Сите сме, помалку или повеќе вклучени во промените. Сето ова, особено не засега нас, уметниците. Нам ни треба свет без граници, луѓе без вардели. Со мојата уметност отсекогаш трагав по нови, неоткриени предели за да прозвучат нивните убавини преку моите слики“, рече Андреевски.
За упадот на „Златна Зора“ вели дека политиката, како и многу пати до сега, се обиде да ја победи уметноста, а тој не сака да ја употребува како средство за лична афирмација.
„Сакам веднаш да го заборавам инцидентот, бидејќи сето останато поврзано со изложбата беше убаво чувство: гостопримството од страна на организаторите – општината Каламариа, секојдневните средби со посетителите, колегите-уметници, вклучувајќи ја и средбата со претставниците на грчките органи за јавна безбедност. Искрено сакам да ја истакнам професионалната реакција на нашето МНР, а особено заложбите на македонскиот Генерален конзул во Солун, Г-динот Дејан Ѓучиќ, кој направи сѐ јас и мојата сопруга да се чувствуваме безбедни“, рече Андреевски.
Се заблагодари на поддршката што ја добил и се уште ја добива од голем број уметници, интелектуалци, граѓани и воопшто на македонската, грчката и светската јавност кои застанале на страна на уметноста.
Целта на членовите на групата маскирани кои упаднаа во галеријата била да ја прекинат изложбата. Тие се однесувале непристојно и вулгарно, по што си заминале. Немало физичко насилство или материјална штета, наведе МНР по инцидентот, а била повикана полиција. Златна зора тогаш објави видео од инцидентот, во кое се вели дека ја запечатиле „скопската изложба во Каламариа“ и дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“.