Утрински Весник
Македонија

САД пренасочуваат воена помош од Македонија кон Латинска Америка

Helikopter.jpg

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да пренасочи милиони долари воена помош наменета за Северна Македонија и уште три држави кон земји во Централна и Јужна Америка, објави Асошиејтед прес.

Според информациите, вкупно 52 милиони долари ќе бидат пренасочени од програмите за Северна Македонија, Словачка, Тунис и Ирак кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија.


Засега не е објавено колкав дел од средствата што требало да ги добие Северна Македонија ќе биде повлечен, ниту кои конкретни програми ќе бидат погодени. Се наведува дека засегнатите држави сепак ќе продолжат да добиваат одредена американска безбедносна помош.

Одлуката е дел од новата надворешнополитичка стратегија на Вашингтон, со која поголемо внимание се насочува кон Западната хемисфера. Администрацијата на Трамп планира парите да ги употреби за борба против трговијата со дрога, нелегалната миграција и криминалните организации, но и за засилување на безбедноста околу Панамскиот Канал.

Американските власти го означуваат организираниот шверц на дрога како закана за националната безбедност, а дел од средствата ќе бидат употребени за зајакнување на капацитетите на безбедносните сили во партнерските држави.

Пренасочувањето следува по неодамнешната посета на американскиот државен секретар Марко Рубио на неколку латиноамерикански земји, каде што беше најавена посилна безбедносна соработка со Вашингтон.

Потегот се толкува и како обид на САД да го зајакнат своето влијание во Латинска Америка и да го ограничат растечкото економско и политичко присуство на Кина во регионот.

Северна Македонија и Словачка се членки на НАТО, додека Ирак и Тунис со години добиваат американска помош наменета за обука, опрема и зајакнување на безбедносните институции.

Можете да прочитате

СДСМ: Пак манипуација од Мицкоски – проневера од 5,5 милиони евра мора Обвинителство да постапи, а не ДКСК само за едно лице

Македон Димитровски примен во престижната програма за талентирани млади на „Џонс Хопкинс“

Апасиев ја објави отфрлената пријава за закана: „Да собираме пари за погреб на Апасиев”, „смрт”, „бензин и кибрит” за Обвинителството биле политички говор