САД ќе ѝ испратат на Украина околу 325 милиони долари дополнителна воена помош која вклучува, меѓу друговот, и огромно количество артилериска и друга муниција, соопшти Пентагон во средата, пренесува „Њујорк тајмс“.
Иако нема официјална потврда за точната содржина, овој пакет помош наликува на другите неодамнешни пакети со кои Украина доби ракети за хаубици и за артилериските ракетни системи со висока мобилност (HIMARS) што Пентагон вели дека Украина ги користи ефикасно, како и серија други проектили и противтенковска муниција.
HIMARS се системи поставени на камиони кои можат брзо последователно да истрелаат наведувани проектили со дострел до 80 километри.
Американскиот државен секретар Ентини Блинкен посочи дека пакетот содржи и противоклопни системи, мало оружје, четири возила за логистичка поддршка и поддршка за одржување неопходна за зајакнување на бранителите на Украина на бојното поле.
Пакетот, исто така, вклучува и муниција со прецизно наведување, повеќе од девет милиони куршуми муниција за мало оружје, муниција за уривање за расчистување на пречките, како и резервни делови и опрема за безбедност и одржување и поправка на пристаништата.
Ова е 36-та транша американско оружје и опрема за Украина откако Русија ја започна својата инвазија со која вкупната помош од САД достигна повеќе од 35,4 милијарди долари, посочува американскиот Стејт департмент.
„Русија уште денес може да стави крај на војната, но се додека не го стори тоа, САД и нашите сојузници и партнери ќе останат обединети со Украина колку што е потребно“, истакна Блинкен.
Оружјето и опремата вклучени во пакетот ќе бидат повлечени од залихите на Пентагон, што значи дека можат брзо да стигнат на линијата на фронтот додека Украина се подготвува да почне контраофанзива против руските сили.
„Оваа нова безбедносна помош ќе ѝ овозможи на Украина да продолжи храбро да се брани од руската брутална, неиспровоцирана и неоправдана војна“ додава Блинкен.