
Специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, денес изјави дека САД ги прекинуваат преговорите за примирје во Газа и го враќаат својот преговарачки тим од Катар на консултации, откако најновиот одговор на Хамас покажал „недостиг на желба за постигнување примирје во Газа“.
„Додека посредниците вложија голем труд, Хамас не изгледа координирано ниту дејствува во добра волја. Сега ќе разгледуваме алтернативни опции за враќање на заложниците дома и ќе се обидеме да создадеме постабилна околина за луѓето во Газа“, рече Виткоф.
Тој нагласи дека е штета што Хамас дејствувал на таков „себичен начин“ и оти САД се решени да бараат крај на конфликтот во Газа.
Администрацијата на Трамп со месеци не може да направи пробив во преговорите за договор за примирје меѓу Израел и Хамас, додека условите во Газа се влошуваат. На таа територија неодамна беше најсмртоносниот ден за луѓето кои одат по помош во повеќе од 21 месец војна, кога најмалку 85 Палестинци загинаа во неделата во обид да дојдат до храна.
Двете страни повеќе недели преговараа во Катар, со мали знаци на напредок, но не и поголеми пробиви. Официјални лица велат дека главна пречка е повторното распоредување на израелските војници по секое примирје.
Претходно денеска, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика назад во Израел преговарачкиот тим на својата земја, по одговорот на Хамас. Во кратко соопштение, кабинетот на израелскиот премиер рече дека ги цени напорите на Виткоф и посредниците Катар и Египет, но не беа дадени повеќе детали.
Се разгледува договор кој треба да вклучи 60-дневно примирје во кое Хамас во фази би ослободил 10 живи заложници и би ги предал телата на 18, во замена за Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори. Во тоа време би се зголемила испораката на хуманитарна помош и двете страни би преговарале за трајно примирје.
Преговорите не напредуваат поради спротивставените барања за крај на војната. Хамас вели дека ќе ги ослободи сите заложници само во замена за целосно израелско повлекување и крај на војната. Израел вели дека нема да прифати да ја прекине војната додека Хамас не се откаже од власта и не се разоружа, што милитантната група го одбива.
Стејт департментот претходно оваа недела соопшти дека Виткоф ќе оди на Блискиот Исток за преговори, но американски функционери подоцна рекоа дека Виткоф ќе патува во Европа.