Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во текот на 2021 година добил дури 179 подароци, едни од нив се чаши од 2.000 српски динари и манастирска ракија чија проценета вредност е околу 3.500 динари. Најскапиот подарок вреди околу 3,5 милиони динари, а се работи за заоблена сабја од жолто злато, украсена со бисери. Истата година добил и две кученца, објави порталот Нова.рс.
Претседателот Вучиќ при многубројните посети на странски државници и за време на средбите со спортистите добил близу 200 подароци, чија вкупна проценета вредност е околу девет милиони динари.
Според законот, сите примени подароци чија вредност е пониска од 10 отсто од просечната плата во Србија, државните функционери можат да ги чуваат како лична сопственост, додека останатите стануваат јавна сопственост, односно припаѓаат на државата.
Вучиќ решил да ги задржи очилата кои биле проценети на само 2.000 динари. Не се знае кој му го дал ниту најскапиот подарок – заоблена сабја од жолто злато, украсена со бисери. Во каталогот за подароци е наведено дека тежината на сабјата е 1.668,54 g и 8.343,35 карати, а пишува и дека е приложен сертификат за автентичност.
Истата година Вучиќ се пофали дека добил две кученца од расата Салуки од шеикот Насер бин Хамад бин Иса Ал Калифа. На сајтот на Агенцијата за спречување на корупцијата пишува дека вредноста на овие кучиња е 600.000 српски динари и дека во прилог е документација за потеклото и педигрето.
„Најубавиот подарок од мојот пријател – две кученца салуки. Ќе се трудам да ги задржам, да ги чувам и да се грижам за нив. Ти благодарам многу драг пријателе“, напиша тогаш Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Меѓу поскапите подароци е и шпионската камера „Tessing L“, автоматска 35мм, а повод е Денот на безбедносната информативна агенција. Неговата вредност се проценува на 150.000 динари.
За време на неговата официјална посета на Кралството Бахреин, претседателот Вучиќ доби златна карта на Бахреин, со 30 бисери со различни големини. Овој подарок се проценува на 140.000 динари.
Вучиќ го доби и дресот на фудбалскиот репрезентативец на Словенија, Јан Облак, кој беше проценет на 9.000 динари.