
Македонија не е директна воена мета, но останува ранлива на современите форми на закани – оцени аналитичарот Милан Стефановски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, анализирајќи ја безбедносната позиција на државата во услови на нарушена глобална архитектура.
Според него, светот се наоѓа во период на сериозна нестабилност, каде што меѓународниот поредок е разнишан, а институциите што треба да гарантираат безбедност се делегитимирани, што ги прави малите држави особено изложени.
„Во хаотични времиња, кога безбедносната архитектура е нарушена, вие сте подложни на тероризам, сајбер напади, диверзии и поткуп на влади. Малите земји се особено ранливи поради ограничените ресурси, додека вниманието на НАТО често е насочено кон поголемите конфликти“, истакна Стефановски.
Тој потенцира дека нема директни воени закани кои би значеле класична војна на територијата на Македонија, но предупреди дека современите закани се поинакви и подмолни.
Според него, најголемите ризици се:
– сајбер напади врз државни институции
– хибридни закани и дезинформации
– исцрпување на државните ресурси преку постојани индиректни притисоци
Стефановски објасни дека потенцијалните закани би можеле да доаѓаат и од таканаречени „заспани ќелии“ во Европа, но нагласи дека Македонија не е приоритетна цел за терористичките организации, кои повеќе се фокусираат на западните држави со поголемо глобално влијание.
Иако земјава е членка на НАТО и има координација со партнерските безбедносни служби, аналитичарот предупредува дека тоа не значи дека институциите треба да се опуштат.
„Ова не се добри времиња за општествата. Светот е во фаза на кулминација на прераспределба на глобалната моќ, што некои го нарекуваат и Трета светска војна. Мораме да бидеме внимателни, подготвени и да вложуваме повеќе ресурси во заштита на државата“, заклучи Стефановски.


