Утрински Весник
Свет

Русија тврди дека го уништила последниот воен брод на Украина

Русија тврди дека го уништила последниот воен брод на Украина

Русија го уништи последниот воен брод на поморските сили на Украина, соопшти денеска руското Министерство за одбрана. Како што пренесува „РИА новости“, бродот „Јуриј Олефиренко“ бил уништен на 29 мај во црноморското пристаниште Одеса.

dobivaj vesti na viber

„На 29 мај, како резултат на напад со високопрецизно оружје на Руските воздухопловни сили, беше уништен последниот воен брод на воено-поморските сили на Украина, ‘Јуриј Олефиренко’, во пристаништето во Одеса“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Тврдењето на Москва сè уште не е потврдено зашто официјален Киев сè уште не излезе со коментар, а и портпаролот на украинските поморски сили, Олех Чалик, одбил да ги коментира тврдењата на Москва велејќи дека украинската морнарица не објавува никакви информации за загубите во војната.

Украинската војска во понеделникот само потврди дека во силните руски воздушни напади била запалена и оштетена инфраструктурата во пристаништето Одеса, кое, покрај поморската база, е клучен центар за извоз на жито.

Во соопштението беше наведено дека во нападите биле онеспособени и пет авиони на украинското воздухопловство во западниот дел од земјата.

Јужната команда на украинската војска соопшти дека ја проценува штетата.

„Јуриј Олефиренко“, средно голем десантен брод за војници и воена механизација, првично бил дел од поморската флота на СССР, на која ѝ се приклучил во 1971 година, а во 1996 година станал дел од украинската армија.

Првин наречен „Кировохрад“, бродот бил преименуван во 2016 година во чест на украинскиот маринец убиен во близина на југоисточното пристаниште Мариупол во 2015 година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го одликуваше неговиот екипаж во јуни 2022 година.

За потсетување, руската армија во последните денови изведе повеќе ракетни напади врз важни командни центри на Украина, вклучително и центри на воено-разузнавачките служби, како што изјави вчера рускиот претседател Владимир Путин.

Според рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, Украина во мај изгубила повеќе од 16.000 војници.

 

 

Можете да прочитате

Ќе расте цената на лукот

Киев ги зајакна безбедносните мерки по нападите со руски балистички проектили

Во Јапонија минатата година регистрирани рекордни 122.806 случаи на злоставување деца