Утрински Весник
Свет

Русија прогласи дипломатски успех по разговорите во Алјаска

Putin 2 1.jpg

По самитот во Анкориџ, Алјаска, меѓу претседателите на Русија на САД Владимир Путин иДоналд Трамп, високи руски политичари го прогласија состанокот за победа на Русија и нејзината позиција во однос на војната во Украина.

„Самитот во Алјаска ја потврди желбата на Русија за долгорочен и праведен мир“, изјави Андреј Клишаш, влијателен пратеник од партијата Единствена Русија на Путин. Тој го опиша самитот како успех за Русија и неуспех за Украина и нејзините европски сојузници, кои бараат безусловен прекин на огнот.


Клишаш додаде дека „задачите на специјалната воена операција ќе бидат исполнети, било воено или дипломатски“, нагласувајќи дека нова архитектура за европска и меѓународна безбедност е на дневен ред.

Иако самитот не резултираше со договор за пауза во конфликтот, кој е во својата четврта година, и Путин и Трамп ги опишаа разговорите како продуктивни. Средбата траеше речиси три часа, по што двајцата лидери кусо се појавија пред медиумите.

Рускиот државен канал Прв канал го истакна свечениот карактер на самитот, нагласувајќи го „црвениот тепих“ и топлото добредојде за Путин, кој е изолиран од западните лидери откако започна руската инвазија на Украина во 2022 година.

„Црвениот тепих, ракувањата, снимките и фотографиите што се насекаде по глобалните медиуми и телевизиски канали“, се посочува во медиумскиот извештај, додавајќи дека тоа е прв пат Трамп да пречека лидер во посета веднаш по слегувањето од авион на аеродромот.

Нивниот дописник во Алјаска рече дека двајцата лидери очигледно се согласиле за многу работи, но не кажале што се тие.

„Самиот факт што се сретнаа на Алјаска, тонот и исходот од средбата претставуваат значаен и заеднички успех за двајцата претседатели, од кои секој даде огромен личен придонес за постигнување на најдобриот можен резултат во овој момент“, напиша на Телеграм Константин Косачев, претседател на комисијата за надворешни работи на Горниот дом на рускиот Парламент.

Некои коментатори имаа поостар тон. Олд Мајнер, блогер за Вор Гонзо, провоен Телеграм канал со над 800.000 следбеници, ги пофали изјавите на Путин како „доста силни“, но додаде дека состанокот не дал видливи резултати освен фактот дека се одржал.

„Што ќе се случи следно? Ако нашите напади врз цели на украинскиот режим продолжат, Трамп ќе има причина повторно да тврди дека „Путин зборува глупости“, да воведе санкции и да го прекине процесот на преговори што го започна“, напиша блогерот.

„Од друга страна, дали Русија треба да ја прекине својата специјална воена операција поради бесконечните разговори?“, праша тој.

Можете да прочитате

Путин го сака цел Донбас во замена за мир

Хилари Клинтон: Трамп заслужува Нобелова награда ако ја запре војната во Украина без отстапки на територии

Европските лидери поканети на средбата Трамп-Зеленски во Белата куќа