
Москва ќе го раскина договорот за воена соработка со Франција, Канада и Португалија. Оваа одлука означува крај на децениските договори во областа на одбраната.
Одлуката беше официјално потврдена со наредба потпишана од рускиот премиер Михаил Мишустин.
„Раскинатиот договор меѓу владата на Сојузот на Советските Социјалистички Републики и владата на Канада за посети по воената линија, договорот меѓу владата на Руската Федерација и владата на Француската Република за соработка во областа на одбраната и договорот меѓу владата на Руската Федерација и владата на Португалската Република за соработка во воената област“, се наведува во објавениот документ.
Станува збор за договори потпишани во различни периоди. Договорот со Канада во 1989 година, со Франција во 1994 година и со Португалија во 2000 година.
Министерството за надворешни работи на Русија е задолжено официјално да ги информира канадската, француската и португалската страна за одлуката.


