
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека Вашингтон е задоволен од напредокот постигнат во Венецуела во последните три месеци и повтори дека планот на Соединетите Американски Држави предвидува стабилизација на земјата, економско закрепнување и политичка транзиција со слободни избори.
Рубио во интервју за Фокс њуз изјави дека првата цел на стратегијата на САД е да се стабилизира ситуацијата во Венецуела со цел да се спречи масовна миграција, граѓанска војна и улични немири, наведувајќи дека такво сценарио досега не се случило.
Според него, земјата сега е во фаза на економско закрепнување, за време на која, тврди тој, економијата се обновува, а извозот на нафта до рафинериите во Соединетите Американски Држави се зголемува.
Рубио рече дека приходите од продажбата на нафта се депонираат на сметки под контрола на Министерството за финансии на САД и се користат во корист на венецуелскиот народ.
Тој додаде дека како дел од овој процес, стотици политички затвореници се ослободени и озлогласениот затвор каде што, според него, биле држени политички противници на владата е затворен.
Рубио рече дека следната фаза ќе биде политичка транзиција, која треба да доведе до слободни и фер избори во земјата.
Зборувајќи за ситуацијата во Куба, Рубио оцени дека земјата е во сериозна економска криза и дека ѝ е потребен процес на економски и политички реформи.
Според него, кубанската економија не функционира и земјата ќе има тешкотии да ги реши своите проблеми без промени во системот на владеење, додавајќи дека наскоро би можеле да има нови информации за политиката на САД кон Куба.


