Претседателот на Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ), Луис Рубијалес признава дека неговата земја има „сериозен проблем“ со расизмот во фудбалот по немилите случки околу напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор на мечот со Валенсија.
Винисиус беше мета на расистички песни пред мечот и во текот на мечот на „Месталја“, каде што Валенсија стигна до 1:0 победа во последен случај во кој 22-годишниот Бразилец е жртва на вакви случки, по што тој ја критикуваше Ла лига и РФЕФ за тоа што не прават ништо за да се спречи тоа, велејќи дека шпанскиот фудбал го достигнал дното. Тој доби поддршка од голем број на фудбалски ѕвезди од цела Европа, но и од ФИФА.
Рубијалес на прес-конференција признава дека имаат проблеми и ја обвини Ла лига и претседателот Хавиер Тебас за неактивност.
„Имаме проблем со однесувањето, со едукацијата. Додека имаме една група која навредува со сексуална определност, боја на кожа или вера, имаме сериозен проблем. Винисиус Жуниор и секој фудбалер или фудбалерка кои претрпуваат навреди ја имаат мојата поддршка и таа на РФЕФ. Ќе работиме на ова неуморно“, вели Рубијалес.
Тој објави дека го поканил претседателот на Бразилската фудбалска конфедерација (ЦФБ), Едналдо Родригеш во Шпанија за да се покаже какви активности се преземаат, по што го нападна Тебас за „неодговорно однесување“, откако тој на социјалните мрежи напиша дека „ниту Шпанија, ниту Ла лига се расистички“.