
Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез, во обраќање на државната телевизија упати повторен апел за ослободување на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга, по настаните што ги опиша како „киднапирање“. Таа повика на смиреност и национално единство во одбраната на државата, нагласувајќи дека Венецуела никогаш нема да прифати да биде подредена или контролирана од која било странска сила.
Обраќањето беше емитувано од Каракас, каде Родригез настапи заедно со претседателот на Националното собрание Хорхе Родригез, министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабелјо, како и со министрите за надворешни работи и одбрана. Во своето излагање, таа истакна дека Николас Мадуро останува „единствениот легитимен претседател на Венецуела“ и директно ги повика Соединетите Американски Држави да го ослободат.


