
Во Македонија треба да започне процесот за воведување паметни броила за електрична енергија, кои на граѓаните ќе им овозможат во секое време да знаат колку струја трошат и по која цена. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) подготвува извештај до Владата, по што би требало да започне постапката за набавка и постепено воведување на смарт броила низ државата, најави претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според Ристов, воведувањето на новата технологија треба да биде еден од следните чекори во модернизацијата на електроенергетскиот систем.
Паметните броила, за разлика од класичните, би им овозможиле на домаќинствата многу попрецизно да ја следат сопствената потрошувачка и да знаат во кои периоди електричната енергија е поевтина или поскапа.
„Да можете во секое време да знаете колку ви е цената на електричната енергија, колку имате потрошувачка, кога да вклучите, кога да исклучите“, објаснува Ристов.
На овој начин, граѓаните би можеле подобро да ја планираат потрошувачката и дел од уредите во домаќинството да ги користат во периодите кога цената на електричната енергија е пониска.
Воведувањето паметни броила станува особено значајно со растот на производството на електрична енергија од обновливи извори, пред сè од фотоволтаичните централи. Производството од сонце значително се менува во текот на денот, што во иднина може да влијае и врз периодите во кои електричната енергија е најевтина.
На подолг рок, паметните броила би можеле да станат дел од поширок систем за управување со енергијата во домаќинствата.
Особено значење би имале за домаќинствата кои располагаат со сопствени фотоволтаици, батерии за складирање електрична енергија или електрични автомобили, бидејќи ќе овозможат поефикасно следење и управување со произведената и потрошената струја.

Следниот чекор е извештајот на РКЕ да биде доставен до Владата, по што би требало да започне постапката за воведување на паметните броила.


