Легендарниот режисер Мартин Скорсезе во четвртокот (17 ноември) го прослави својот 80. роденден, а во оваа прилика повеќе медиуми се навратија на некои од неговите најинтересни режисерски техники.
Имено, Скорсезе има специфични правила за актерите со кои работи, а за некои од овие правила и самиот Леонардо ди Каприо призна дека се практично нечуени во филмската индустрија.
Едно од првите правила на Скорсезе е дека заплетот е спореден во однос на неговиот однос со актерите во филмовите.
„Секогаш е фокусиран на она што актерот го дава и таа динамика еден на еден. Заплетот е спореден за него. Неговиот фокус е да ја пронајде суштината на приказната преку актерите со кои работи“, изјави Ди Каприо за „Њујорк тајмс“ во 2020 година.
Претходно, во друго интервју за „Холивуд репортер“, Ди Каприо нагласи колку Скорсезе ја усовршува врската меѓу актерот и режисерот.
„Тој го почитува процесот на актерот. Тоа го гледате на филмовите што ги прави, и навистина нема подобар. За него вашата изведба е најважна работа, а филмот на крајот е структуриран околу она што вие правите како актер и она што тој го дава… тоа е процес што треба да се негува и тоа е нешто што е талент само по себе затоа што е тешко да не натерате како актери да се чувствуваме удобно на снимањето и да бидеме најдобри“, рече Ди Каприо.
Актерите кои работат под режисерската палка на Скорсезе треба да очекуваат да бидат заглавени на многу долги проби пред да почне снимањето.
Снимателот Мајкл Ни зборува за Story First за неговото време со Скорсезе на филмот Shutter Island од 2010 година.
„Тој поминува доста време со актерите на многу долги, приватни проби. Кога ќе започнат пробите пред камера, актерите се исклучително подготвени, “ вели снимателот.
Во едно неодамнешно интервју, сценаристот Теренс Винтер потврди колку Скорсезе е посветен на својот занает, откривајќи дека режисерот се мачел да внесе една од најпознатите сцени на „Волкот од Волстрит“ во филмот. Винтер откри дека сцената со јахтата што тоне за малку немало да влезе во финалната верзија бидејќи била прескапа.
„Бидејќи сценариото беше предолго, се плашевме дека ќе има работи што ќе треба да ги исечеме – како што е секвенцата кога бродот тоне и тие се спасени на море. Беше толку диво и толку скапо. Марти продолжи да се бори и рече: „Мораме да го имаме овој кадар. Морам да го имам“, изјави сценаристот во интервју за „Холивуд репортер“.