
Реставрираното и конзервирано издание на „Пчињското изборно евангелие“ од 16 век повторно е вратено во депото на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
По тој повод за утре е предвидена свеченост во охридската библиотека, на која ќе биде промовиран и новиот Каталог посветен на враќањето на Евангелието во Охрид, со конкретни факти за него и за богатиот трезор од ретки книги.
На настанот е најавено присуство на министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
„Пчињското изборно евангелие“ важи за најстар ракопис зачуван во библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид. Ракописот е најден од страна на книжевниот историчар и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски во необработениот фонд во библиотеката во 1999 година.
Првата конзервација и реставрација на евангелието се извршена во Националната универзитетска библиотека во 2000 година, по што е вратено во Охрид, каде останало до 2011 година. Поради несоодветните услови за чување и влага, забележани се сериозни оштетувања на книгата и таа е повторно вратена во Скопје на нова концервација и реставрација спроведена во текот на 2014 година.
Со финансиска помош на Министерството за култура во 2023 година извршена е адаптација на простор во охридската библиотека, со соодветно депо за чување на ретките изданија, со што се создадени услови за враќање на „Пчињското евангелие“ во Охрид.
Во фондот за ретки изданија во охридската билиотека има 812 книги, од периодот 1872 до 1945 година.
Со новиот Каталог се опфатени важни документи што сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ, но и првите научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, дела на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.