Утрински Весник
Македонија

Републичкиот обвинител Коцевски не му вршел притисок на Хајрулахи, одлучи Советот на јавните обвинители

Ljupco Kocevski Nov Javen Obvinitel Zakletva 14a Bg.jpg

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски не му вршел притисок на шефот на Вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи, ниту на вишиот обвинител Јован Цветановски, за тоа како да постапуваат по предметот ,,Бонусите на СЈО”. Оваа одлука денеска ја донесе Советот на јавните обвинители.

-Под точка 2 од дневниот ред едногласно се донесе одлука да јавноста биде исклучена при разгледување на предметот ДОВ бр.30/24 заради заштита на угледот и интегритетот на јавните обвинители, но по завршувањето на дискусијата по предметот, јавно се објави заклучокот донесен од страна на Советот на јавните обвинители во врска со наведениот предмет. Заклучокот е дека не се утврди влијание на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија врз работата на Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи и на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски во врска со конкретниот предмет и не е загрозена нивната самостојност во одлучувањето, информираат од Советот на јавните обвинители.

Хајрулахи тврдеше дека Коцевски му вршел притисок како да одлучат за предметот, односно да не му се даде својство на оштетен на пријавителот, партијата ВМРО-ДПМНЕ, а републичкиот обвинител негираше. Советот со одлуката го потврди тврдењето на републичкиот Коцевски.

Вчера пак вишиот обвинител Цветановски донесе одлука за предметот „Бонусите на СЈО“ и реши да го укине решението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за запирање на постапката и предметот со напатствија го врати назад.

Претходно, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција одлучи дека обвинителите од СЈО не треба кривично да одговараат за бонусите кои ги земале во СЈО, бидејќи не го прекршиле законот, односно нивната шефица Катица Јанева, која е потписникот. Сепак, ваквата одлука не и се допадна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па поднесо жалба до Вишото обвинителство во Скопје.

Сега повторно Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе треба да одлучи за предметот, односно дали ќе ја отфрли кривичната пријава или ќе поднесе обвинение.

Можете да прочитате

Панел-дискусија „To be or not to be… студент во Македонија?“

Седница на Генералното собрание на ЗЕЛС

Четврта регионална експертска средба за Кластер 1 „Основи“