Од 2003 до 2022 година, во светот биле убиени 1.668 новинари, во просек по 80 новинари годишно, а најопасни земји за оваа професија биле Сирија и Ирак, според извештајот на Репортери без граници.
„За 20 години, 578 новинари се убиени во тие две земји погодени од војна, што е повеќе од една третина од сите убиени новинари“, се наведува во извештајот.
Најопасни земји за новинарите се Мексико (125 загинати новинари), Филипините (107), Пакистан (93), Авганистан (81) и Сомалија (78). Најцрни години беа 2012 година со 144 убиени новинари и 2013 година кога беа убиени 142 новинари, особено за време на конфликтот во Сирија. Со 2019 година доаѓа и еден вид „затишје“, додаваат од здружението за заштита на слободата на медиумите, но бројот на убиени повторно почна да расте во 2022 година поради војната во Украина.
Годинава загинаа 58 новинари, а лани 51. Од руската инвазија на Украина, осум новинари се пријавени за исчезнати. Во таа земја во претходните 19 години беа убиени 12 новинари и таа е втора најопасна земја во Европа за новинарите, по Русија, каде во последните 20 години беа убиени 25 новинари.
РСФ наведува дека нападите и атентатите врз новинарите се зачестени откако Владимир Путин дојде на власт. Со осум убиени новинари, Франција се најде на четвртото најопасно место во Европа, зад Турција, по нападот на редакцијата на „Charlie Hebdo“ во Париз во 2015 година.
На глобално ниво, во последните 20 години, повеќе новинари се убиени во мировните зони отколку во воените зони, а нивната смрт е поврзана со истраги за организиран криминал и корупција. Речиси половина од убиените новинари во 2022 година се од американскиот континент, а најопасни земји се Мексико, Бразил, Колумбија и Хондурас.