Утрински Весник
Македонија

Реновираното „петто“ оделение во КПУ „Идризово“ ќе обезбеди капацитет од 100 нови места за затвореници

20240815114429 Big 730x400 14.webp.webp

Во Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска беше пуштено во употреба реновираното „петто“ крило.

Крилото ќе обезбеди дополнителен капацитет за 100 затвореници, кој ќе ги растерети останатите одделенија. Реновирањето е финансирано од донации, а се очекува и изградба на целосно ново затвор.

Како што информираше в. д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, на денешната прес-конференција, реновирањето на одделението што е од затворен тип ќе овозможи дополнителен капацитет за 100 затвореници.

– Во договор со директорот Зоран Јовановски за неполн месец се пристапи и е сосема реновирано. Ставени се старо нови кревети, меѓутоа, има нови душеци. Она што е најважно, сега имаме дополнителен капацитет за 100 затвореници, а со тоа ќе ја постигнеме главната поента на критичниот дел од т. н. амбуланта, каде што е преполнето, ќе бидат префрлени во петто крило, и дополнително, приемното одделение, каде што е претесно, ќе бидат, исто така, префрлени во петтото крило, рече Пандов.

Зградата во која е сместено петтото одделение, додаде тој, потекнува од 1946 година, но во 2019 со наредба од Комитетот против тортура (ЦПТ) било затворено поради нечовечки услови. Реновираниот дел, како што рече Пандов, е од типот на затворено одделение за најтежок вид на осудени лица.

–  Реновираниот дел е од типот на затворено одделение, луѓе со затворен третман. Затворот „Идризово“ има услови за осудени лица од затворен третман, односно за осудени лица над три, пет, 10, 15 години до доживотна казна затвор. Во самата зграда имаме 50 осудени лица коишто се со доживотна казна затвор, тие се претежно за убиства, за тешки, тешки дела, неколкукратни убиства, појасни Пандов.

Пандов информираше дека во, како што рече „исклучително краток нареден период“ планираат како Управа за извршување санкции во соработка со Владата на Македонија да преминат во изградба на втората фаза.

– Тоа значи супер нов затвор, изградба на притворско одделение. Ние имаме супер нова судница, можеби најмодерна во Македонија. Таа е донација, грант од 2015-2016 година, направена од три милиони евра од Совет на Европа, која што во моментов не ни е во функција затоа што немаме притворско одделение. Кога ќе го завршиме сето она што го планираме, а јас планирам во овој мандат од четири години да го завршиме, ќе имаме притворско одделение тука, рече Пандов.

Според него, тоа ќе значи големо финансиско однесување во врска со трошоците кои ги сносат за транспорт на затворениците од затворот „Скопје“ до Основен Кривичен суд Скопје.

 – Секој транспорт од „Шутка“ до Кривичен суд нас како граѓанин нè чини 42,000 денари во двата правци. Ако се четворица лица, тоа се 168 илјади денари. Кога ќе ја направиме тука притворската зграда таа ќе биде во непосредна близина до судницата, луѓето тука ќе бидат притворени и спроводот ќе го прави затворската полиција, односно во идно време интервентниот вод кој што го имаме тука во затворот „Идризово“, рече тој.

Директорот најави посета од Комитетот против туртура на почетокот на октомври како и обуки за луѓе кои што се веќе вработени или за ново вработени во тренинг центарот во рамките на затворот.

Во однос на следните чекори што ќе ги преземат за да ги подобрат условите во затворот, директорот на КПУ „Идризово“, Зоран Јовнаовски, информираше дека во неговиот мандат било само ова реновирање и апелираше да се користат инструментите за пробација.

 – Во мојот мандат е ова реновирање или проширување, нормално со одобрување од институциите кои го затвориле. Меѓутоа, во ова треба и други институции да помогнат со инструментите за пробација, еве повторно да ја споменеме амнестијата, така што со тие инструменти многу подобро и многу побрзо би се растеретиле затворите. Инаку, ние со нашите финансии толку можеме да постигнеме, рече тој.

Реновирањето, како што информираше директорот на затворот, Јовановски, било финансирано од донации. 

Можете да прочитате

Пцовисани животни, ќебиња, перници и што уште не…фрлале граѓани во струшката канализациска мрежа

Пецаков: Пожарот на Галичица од македонска страна е под контрола, се надевам дека денеска ќе биде локализиран

Нов грабеж среде бел ден во Скопје