
Околу 29.000 дезертери се вратија на служба во вооружените сили на Украина благодарение на новиот закон што им гарантира амнестија доколку се вратат доброволно, соопштија властите денеска, јави ДПА.
„Благодарение на законот, помеѓу 29 ноември 2024 година и август 2025 година, повеќе од 29.000 борци кои доброволно ги напуштија своите единици се вратија на служба“, изјави директорот на Државната истражна служба, Олексиј Сухачев.
Законот, кој предвидува амнестија за дезертери кога тоа е нивно прво такво дело и тие доброволно се враќаат на служба, е изготвен во соработка со вооружените сили, рече Сухачев.
Сепак, според официјалните бројки, повеќе од 122.000 нови случаи на дезертерство се регистрирани во истиот период, јави ДПА. Украина е потресена од бран дезертери поради тековната руска инвазија.
Обвинителите регистрирале околу 224.000 случаи од почетокот на војната во февруари 2022 година, иако вистинската бројка е веројатно многу поголема.
Обвиненијата се покренуваат само во мал процент од случаите.
Присилната мобилизација на војниците на улиците честопати се среќава со жесток отпор, а минувачите изразуваат солидарност со мажите, наведува ДПА.
Полицијата соопшти дека жителите во Николаевската област во неделата претепале воен персонал со палки и челични цевки. Во петокот, група луѓе се обиделе да ослободат десетици мобилизирани мажи од фудбалски стадион во градот Виница и не успеале само поради големото присуство на полицијата.