Утрински Весник
Македонија

Речиси 1.000 лица под закана да ја доживеат судбината на Мемет, живеат без здравствена заштита

Младиот Мемет немал можност да се лекува, а немал ни лична карта, пишува „Лице в лице“

Мемет Камбер, кој почина на 19 години, за жал, не е прва жртва на системот. Освен него, има и други примери на лица што го загубиле својот живот или се соочиле со сериозни тешкотии во процесот на добивање здравствена заштита, велат од Институт за истражување и анализа на политики „Ромалитико“.

dobivaj vesti na viber

Според нивните податоци, во моментот има приближно 1.000 лица без документи, кои се под закана да ја доживеат истата судбина како Мемет.

Мемет не можел да пријави адреса оти живеел во дивоградба

Од Институтот рекоа дека Мемет како сиромашно лице немал лична карта затоа што не можел да пријави адреса бидејќи живеел во дом кој е дивоградба. Што значи ова и какви проблеми произлегуваат од оваа состојба?

Најпрвин, ромските населби се соочуваат со проблемот на влез на населбите во урбанистичките планови. За да може еден дом да се легализира, потребно е населбата да е дел од ДУП и/или ГУП. Предлог-законот за легализација на бесправно изградени објекти не успеа да ја реализира својата цел и да обезбеди легализација на овие домови.

„Проблемот со легализација, покрај тоа што им го оневозможува уживањето на основни човекови права, дополнително ја доведува ромската заедница во состојба во која не може да го докажат правото на сопственост врз земјиште и оваа состојба се пресликува на идните генерации со можност/закана за нивно иселување, но исто така им создава тешкотии во пристапот до комунални услуги (вода и електрична енергија). Поради овие проблеми, потребно е итно да се изготви и изгласа законско решение, кое ќе им овозможи основни услови за живеење за оваа категорија граѓани“, велат од „Ромалитико“.

Од тука порачуваат дека конкретно за лица што немаат документи решение може да биде и алтернативна можност за пријава на адреса во Центарот за социјални работи или општината. Здружението апелира дека е време да се извршат промени во Законот за личната карта и во Законот за пријавување живеалиште и престојувалиште и да им се даде можност на лицата што немаат свој дом да може да извадат лична карта.

Проблем има и со лицата што не може да си ја обноват личната карта

Од „Ромалитико“ велат дека, покрај лицата без документи, поради проблемите со урбанизација и легализација, моментно има и лица што не може да си ја обноват личната карта и за кои исто така треба да постои решение.

Остварувањето на здравствената заштита е човеково право, а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човеково право, велат тие.

Апелираат на итно формирање работна група во Владата, која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи.

 

 

Можете да прочитате

Две од трите приведени лица за убиството на докторот во Железара добија куќен притвор

Распишан е Конкурсот за доделување на државната награда „23 Октомври”

На „Магистрален пат“ во Кичево сообраќајка со три жртви