По известувањето на ТВ21 дека во Гинеколошката болница во Чаир се поставени нови камери кои имаат вграден микрофон за снимање звук, реагираше директорката на болницата Пранвера Изаири. Таа рече дека нема да се стават во функција додека не добијат официјално мислење од Агенцијата за заштита на лични податоци.
„Камерите нема да бидат пуштени во функција без да добиеме позитивен одговор од Агенцијата за заштита на лични податоци. Ние во секој момент чекаме позитивен одговор и ќе добиеме. Потоа камерите ќе бидат пуштени во употреба во тој момент кога ќе добиеме одговор“, вели Пранвера Изаири.
Според тендерската спецификација, новите камери имаат микрофон, со што се појави сомнеж кај медицинскиот персонал и пациентите за незаконско прислушување. Директорката Изаири признава дека камерите имаат микрофон, но вели дека звукот нема да се регистриа.
„Вистина е дека спецификациите содржат интегрирани микрофони и претходно спецификациите имаа интегрирани микрофони, но тоа не значи дека тие ќе се користат. Тие не се користат. Новите и старите камери кои се во употреба не снимаат аудио“, вели Пранвера Изаири.
И министерот за здравство рече дека не смее ниедна јавна здравствена институција да користи вакви камери со аудио снимање. Арбен Таравари рече дека треба да се разгледа уште еднаш тендерот за да се преземат мерки.
„Ве молам, разговарајте со директорката! Не верувам дека тоа може да се случи. Доколку има нешто такво, тоа е сериозно и тогаш можеме да мислиме и за други чекори, евентуално“, вели Арбен Таравари.
Инаку, ТВ21 контактираше и Агенцијата за заштита на личните податоци од каде велат дека не добиле никакво барање за мислење од Гинекологија Чаир.
Од таму велат дека прекршувањето е веќе направено во тендерската постапка, каде што требало да се земе мислење за евентуална повреда на приватноста пред да се постават камерите во објектот.
Иако во годишниот план не беше предвидено поставување нови камери, директорката Изаири од буџетот на болницата издвоила 20.000 евра за 22 камери, опрема за чување видео материјали и за евиденција на вработените и нивна инсталација.
ТВ21 обезбеди и тендери од претходните години, кога беа поставени старите камери, но таму нема микрофони.
Извор: 21ТВ