
Денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски оствари работна средба со градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеникот Бојан Стојановски на која беше соопштено дека е распишана јавната набавка за изградба на кружен тек на крстосницата меѓу улиците Ѓорче Петров и Македонска војска, една од најкритичните точки во Скопје, со цел подобрување на безбедноста и проточноста на сообраќајот.
„Ѓорче Петров добива модерен кружен тек и започнуваме со вистински промени. Денес ја распишавме јавната набавка за изградба на кружен тек на една од најкритичните точки во Скопје, крстосницата меѓу Ѓорче Петров и Македонска војска. Со тоа обезбедуваме повеќе безбедност, помалку метеж и побрзо движење.
Овој проект е дел од нашата визија Нула несреќи, со која до 2030 година ќе редизајнираме 50 опасни крстосници и улици по европски стандарди, за Скопје да стане град во кој сите учесници во сообраќајот се движат сигурно и без страв. Во Ѓорче Петров следуваат и други крупни зафати, како ново поврзување на Лука Геров, реконструкција на улицата 101 во Волково, проектирање на Веле Марков како нова сообраќајна артерија и изградба на Шарпланинска со модерна инфраструктура и зеленило.
Овие инвестиции значат подобра мобилност, побезбедни улици и повисок квалитет на живот за целиот западен дел на градот. Продолжуваме посветено со работа, со план и со љубов кон Скопје.” рече Ѓорѓиевски.


