Утрински Весник
Балкан

Ранетата наставничка раскажа сè што се случувало на денот на масакрот во Србија: „Се плашам и кога гледам оружје на филм“

Nastavnichka Istorija.jpg

Во Вишиот суд во Белград денеска почна судењето на Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на момчето кое пукаше во училиштето „Владислав Рибникар“, по тужба на наставничката по историја Татјана Стевановиќ. Во јуни претходно се одржа прелиминарно рочиште. Стевановиќ на денешното рочиште раскажа како за многумина изгледал кобниот 3 мај.

Иако на прелиминарното рочиште рече дека Стевановиќ побарала изземање на јавноста, адвокатот Стефан Радивојевиќ денеска изјави дека остава на судот да оцени дали е неопходно изземањето на јавноста, а одлуката на судот беше расправата да биде отворена.

Стевановиќ рече дека 3 мај почнал како и секој друг ден, дека голем дел од децата дошле на училиште на фотографирање, „дури и оние кои одамна не доаѓале“. Таа го почнувала својот час по историја кога слушнала звук на пукање во училиште.

„Мислев дека непослушните осмоодделенци фрлаат петарди. Втората мисла ми беше дека Драган (убиениот чувар) е тука, дека ќе го реши проблемот. Тој звук продолжи да се слуша. Беше морничаво. Во еден момент сите бевме замрзнати, како хипнотизирани. Ништо не се слушна, а потоа одекна вресок во ходникот“, рече таа.

Токму кога помислила дека звукот што го слушнала можеби и не се петарди, вратата наеднаш се отворила. Немала време ниту да се сврти, била погодена во стомакот и паднала.

„Слушнав пукање во училницата, но бев на подот. Се онесвестив. Кога се разбудив, рацете ми беа крвави. До мене лежеше едно момче, беше бледо, неподвижно. Едно дете дојде кај мене да се сокрие, го прегрнав. Настана тишина, а потоа дојде наставникот по географија, праша што се случило, а едното дете одговори дека пукал К.К.“

Таа истакна дека не можела да разбере дека сево ова е возможно. Се чинело дека сè траеше многу долго, а подоцна слушнала дека во прашање биле само две минути. Полицијата пристигнала во училницата, го почувствувале нејзиниот пулс. Тогаш, како што рече, сфатила дека не е добро, пренесе „Телеграф“.

Како што опишала, еден куршум ја погодил во стомакот од левата страна, пропуштил само еден милиметар да ја погоди стомачната артерија.

„Левата нога не ми работеше, нервот беше оштетен. Лекарите го извадиле куршумот, но не знаеле дали веднаш да го оперираат колкот. Сега е добро, но рекоа дека колкот побрзо ќе се влоши. Имав прострелни рани на двете раце. Имам плочка во десната подлактица, лекарите рекоа дека коската е како каша. Нервите во левата рака ми се скинати, не ја чувствувам раката“, изјави Стевановиќ.

Наставничката по историја изјавила дека поминала осум месеци во болница, а шест месеци била неподвижна. Таа истакна и дека поради оштетување на нервите не може да ја почувствува левата нога под коленото.

„Имаше пет проценти шанси нервот да се врати во функција. Имав среќа што успеа благодарение на терапијата, семејството и мојата желба да закрепнам. Месец-два бев без функцијата на рацете“, додаде таа.

Стевановиќ изјави дека на почетокот не чувствувала страв бидејќи не разбрала што се случило. Кога била погодена, изгубила воздух и паднала, била во шок, не можела да разбере што се случило. Стравот се развил подоцна.

„Во болницата не сакаа да ми кажат се’. Знаев дека Драган е убиен, а потоа полека ми ги кажуваа имињата на децата едно по едно. Морав да направам уште една операција. Тогаш почувствував страв. Се може да се смени преку ноќ“, изјави наставничката по историја.

Има лузни на рацете, по градите и стомакот. Таа е несигурна во чекорот бидејќи не ја чувствува левата нога.

„Секој ден чувствувам страв. Се повлекувам ако има огномет, во ненадејни ситуации, кога гледам оружје на филм. Се вознемирувам“, додаде таа.

Истакнала и дека К.К бил примерно дете и добар ученик и дека немала потреба да им се јавува на родителите, кои не ги ни познавала.

Правниот застапник на брачната двојка Кецмановиќ, Марина Ивеља, предложи прекинување на граѓанската постапка затоа што меѓу другото, Кецмановиќ се тужени за запуштање и запоставување на дете кое довело до смртен исход, а таа истакна дека обвинението е покренато за тоа конкретно кривично дело во кривичната постапка, и побара да се чека исходот од кривичната постапка.

Адвокатот на оштетената посочи дека граѓанско-правната одговорност е многу поширока од кривично-правната одговорност и се спротивстави на предлогот на Ивеља. Судот го одби предлогот за запирање на постапката.

Можете да прочитате

Стејт департментот на САД го прогласи Алтин Думани за антикорупциски шампион

Лепа Брена итно оперирана: Снимен моментот кога камерманот падна врз пејачката

Слаб земјотрес ја погоди Хрватска