Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса направи грешка кога рече дека земјата ќе го напушти Меѓународниот кривичен суд (МКС), соопшти неговиот кабинет, пренесува РТ.
„Ова појаснување доаѓа по грешката во коментарот направен за време на брифингот на владејачкиот Африкански национален конгрес (АНЦ) за статусот на Јужна Африка во МКС. За жал, и претседателот погрешно потврди сличен став на денешната сесија за медиумите“, се вели во соопштението на кабинетот на Рамафоса на неговата веб-страница.
Кабинетот на Рамафоса потврди дека Јужна Африка останува потписник на Римскиот статут, клучниот документ на МКС, и дека ќе продолжи да води кампања за еднаква и доследна примена на меѓународното право.
Рамафоса изјави вчера дека неговата земја е подготвена да го напушти МКС, кој во март издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради наводите за незаконска депортација на украински деца во Русија.
Ако Путин присуствува на претстојниот годишен самит на БРИКС во Јужна Африка, властите во Преторија се обврзани да го уапсат.
АНЦ сакаше да ја повлече земјата од МКС уште пред неколку години, но беше спречена во тоа од јужноафриканскиот суд, кој оцени дека потегот е неуставен.
Сепак, Преторија одби да го уапси поранешниот судански диктатор Омар ал-Башир, кој ја посети земјата во 2015 година и покрај налогот за негово апсење од МКС.
Русија, од друга страна, го потпиша Римскиот статут во 2000 година, но не го ратификува и оттогаш го повлече својот потпис. Кремљ минатиот месец соопшти дека Москва не ја признава јурисдикцијата на судот.
Рамафоса истакна дека АНЦ долго време смета оти МКС неправедно се однесува кон некои земји алудирајќи на фактот дека многу африкански лидери беа изведени пред судот во Хаг.