
Искусниот морепловец и работник на крстосувачки брод, Јежи Ржепка од Полска, зад себе има години поминати на море, патувајќи низ светот и работeјќи на некои од најлуксузните бродови. Но, иако видел многу земји, постои едно место каде вели дека никогаш повеќе нема да се врати – Саудиска Арабија.
„Стекнав многу искуство во многу земји, но Саудиска Арабија остави посебен впечаток врз мене“, изјави Јежи за „What’s The Jam“. Според него, културните и верските разлики биле огромни и тешко прифатливи за некој кој доаѓа од Европа.
Ржепка работел на бродот „Ароја“, кој пловел на релација Саудиска Арабија – Јордан – Египет. Таму, вели, бил сведок на бројни ситуации кои му покажале колку е различен животот во тој дел од светот.
„Повеќето патници имаа две или три жени на бродот. Добив специјална обука за тоа како да комуницирам со нив. Жените изгледаа среќни, но видов тага во нивните очи“, раскажува тој.
Иако неговите саудиски колеги биле љубезни и професионални, Ржепка вели дека културниот шок бил преголем. „Ја одбив понудата да се вратам на бродот“, призна полјакот, додавајќи дека за него тоа било уникатно, но исцрпувачко искуство.
Строги правила и сложена бирократија
Работењето во Саудиска Арабија, и покрај растечкиот туризам и инвестициите, сè уште претставува голем предизвик за странците. Секој што сака да работи таму мора да добие работна виза и локален спонзор – обично работодавач – кој ќе го води целиот процес.
Покрај тоа, потребни се медицински уверенија, преводи на сите документи на арапски јазик и специјална дозвола за престој и работа, позната како „икама“.
Земја зависна од странска работна сила
И покрај строгите правила, Саудиска Арабија останува силно зависна од странски работници. Според официјалните податоци, дури 77 проценти од работната сила се странци, односно околу 13 милиони луѓе.
Иако немаат данок на доход, тие мора да плаќаат придонеси за социјално осигурување, а неодамна е воведен и посебен план за пензиско и штедно осигурување за иселениците.
За Јежи Ржепка, сепак, ова искуство останува како едно од најекстремните во неговата кариера. „Саудиска Арабија е земја што треба да се доживее – но само еднаш“, заклучи тој.



