Претседателот на Русија, Владимир Путин, потпиша указ за воспоставување на основите на државната политика за зачувување и зајакнување на традиционалните духовни и морални вредности.
Според документот, Русија верува дека традиционалните вредности се основата на руското општество.
Терминот „традиционални вредности“ се однесува на моралните насоки кои го формираат светогледот на руските граѓани, кои се пренесуваат од генерација на генерација и кои ја формираат основата на рускиот граѓански идентитет и заедничкиот културен простор на земјата, го зајакнуваат граѓанското единство и се манифестираат на единствен начин во духовниот, историскиот и културниот развој на мултинационалниот народ на Русија, пренесува „Спутник“.
Активностите на екстремистичките и терористичките организации и „индивидуалните медиуми“, како и дејствијата на САД и други непријателски земји, одредени меѓународни корпорации и невладини организации, како и активноста на одредени организации и лица на територијата на Русија , се наведуваат како „закани за традиционалните вредности“.
Исто така, се посочува дека деструктивното идеолошко влијание врз Русите станува закана за демографската ситуација во земјата, како и дека „промоцијата на нетрадиционални сексуални односи“ припаѓа на вредносниот систем кој е деструктивен за руското општество.
Како што е наведено, Русија на меѓународната сцена ќе формира имиџ на земја која ги чува и штити човековите духовни и морални вредности, додека соработката меѓу владата и медиумите треба да послужи за зачувување и зајакнување на традиционалните вредности во Русија.
Одредбите од основите на руската државна политика во сферата на традиционалните вредности се предмет на корекција најмалку еднаш на секои шест години, а декретот стапува во сила на денот на неговото потпишување, 9 ноември 2022 година, според „Спутник“.