Утрински Весник
Свет

Путин одговараше на новинар на Би-би-си, го нападна Западот, а на едно прашање почна да се смее

Putin3.jpg

Рускиот претседател Владимир Путин не ги негираше американските тврдења дека Северна Кореја испратила војници во Русија, но рече дека Москва треба да одлучи за спроведувањето на одбранбениот договор со Пјонгјанг, обвинувајќи го Западот за ескалација на војната во Украина.

Еден ден претходно, САД изјавија дека имаат докази за пристигнувањето на околу 3.000 севернокорејски војници во Русија, кои би можеле да бидат распоредени во Украина, што западните земји би го сметале за сериозна ескалација на конфликтот.

Запрашан од новинарите за сателитски снимки на кои се гледа движењето на севернокорејските војници, Путин коментира: „Фотографиите се сериозна работа“.

„Ако има фотографии, тие кажуваат нешто“, додаде Путин.

После тоа, тој посочи дека офицери и инструктори на НАТО се директно вклучени во конфликтот во Украина, тврдејќи дека токму Западот придонесува за ескалација на украинската криза.

„Знаеме кој е присутен таму, од кои земји од ЕУ и НАТО и како тие ја работат оваа работа“, рече Путин. Во исто време, тој тврди дека руската армија напредува по целата линија на фронтот и дека значителен број украински војници биле фатени во стапица во Курск.

„Подготвени сме да ја разгледаме секоја опција за мировен договор, но само врз основа на реалната ситуација на теренот. Не сум подготвен за ништо друго“, рече Путин.

На прес-конференцијата, еден од клучните моменти беше кога портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, му даде збор на новинарот на Би-би-си, Стив Розенберг, кој директно го предизвика Путин со прашања.

„Редок гостин деновиве“, рече Песков претставувајќи го Розенберг.

„Ја прочитав декларацијата на БРИКС; таа зборува за глобална стабилност, регионална стабилност и безбедност и фер свет. Тоа е мотото и на овој самит“, рече Розенберг. „Но, како ова се совпаѓа со вашите постапки во изминатите две и пол години? Каде е правдата, стабилноста и безбедноста? Вклучувајќи ја и безбедноста на Русија. Пред почетокот на специјалната воена операција, руските територии не беа нападнати со беспилотни летала, руските градови не беа бомбардираа, а странските сили не ја окупираа територијата на Русија“, го праша Путин новинарот на Би-би-си.

„Прво ќе зборувам за безбедноста на Русија бидејќи тоа е моја одговорност. Вистина е, ова не се случило порано. Но поради ситуацијата со Западот… Нашите постојани обиди да ги поправиме односите со западните земји не доведоа до ништо. Да не постапевме, тоа ќе не принудеше да се повлечеме и да го предадеме нашиот народ. Тоа би довело до голема загуба на суверенитетот на нашата земја. Ние би престанале да постоиме. Русија престанува да постои ако го загуби суверенитетот, тоа е најважната точка. На Русија и треба суверенитет и независност во финансиите, војската и така натаму. И ние треба да размислуваме за нашиот развој во иднина. Мора да работиме со партнери, како оние во БРИКС, кои ја почитуваат независноста на Русија, ги почитуваат нашите традиции и вредности“, рече Путин.

Потоа го спомена коронавирусот при кој, како што тврди, САД и ЕУ предизвикале глобална инфлација.

„Во однос на правдата, што е фер? Погледнете ја ситуацијата со коронавирусот. За време на пандемијата, САД издадоа пари во износ од околу 6 трилиони долари, додека еврозоната издаде 3 трилиони долари и сите овие средства беа фрлени во глобалниот пазар со цел да се купат разни работи“, рече Путин.

„Инфлацијата започна на глобално ниво. Што направија водечките светски економии? Тие ја искористија својата ексклузивна позиција во глобалните финансии – за доларот и еврото. Тие печатеа пари и буквално ги цицаа најважните стоки од пазарот како правосмукалка. Дали е тоа фер? Ние веруваме дека не е. И ние сакаме да ја промениме оваа ситуација. Токму тоа го правиме во БРИКС“, додаде тој.

Потоа го нападна НАТО и политиката на западните земји во Украина.

„Во однос на безбедноста, да ве прашам, дали е фер што со години им се жалевме на нашите западни партнери да не го прошируваат НАТО на исток? Дали е фер што не лажеа ветувајќи дека нема да се случи такво проширување? Дали е фер што влегоа во нашиот двор и почнаа да градат воени бази?

„Дали е фер да се изврши државен удар во Украина во 2014 година, игнорирајќи ги сите принципи на меѓународното право и повелбата на ОН? Тие го финансираа државниот удар во Украина, туркајќи ја ситуацијата во запалива фаза. Дали е фер во однос на глобалната безбедност? Им рековме, не правете го тоа, ја загрозувате нашата безбедност. Тие го направија во секој случај. Дали е тоа фер? Поентата е дека нема правда. Сакаме да го промениме тоа. И ние ќе се промениме“, одговори Путин.

Репортерот на Би-би-си му постави уште едно прашање, во кое тој го праша Путин за разузнавачките извештаи од британската МИ5, во кои се тврди дека руската разузнавачка агенција спроведува операција чија цел е создавање „траен хаос на улиците на Британија и Европа“.

Путин се насмеа на овие тврдења и рече: „Ви благодарам што ме потсетивте на тоа. Тоа е чиста глупост, целосна глупост, тоа што го кажува МИ5. Тоа што се случува на улиците во Европа е резултат на домашната политика. Ние многу добро знаеме за рецесијата во европските земји и за ниските стапки на раст. Што имаме ние со тоа? Ова е внатрешната политика на европските земји. Ја отфрлаат руската енергија, што имаме ние со тоа? Подготвени сме за снабдување. Се работи само за притискање на копче и се би се случило. Нема да именувам имиња, но еден од моите колеги направи дел од германската економија целосно зависна од САД. Што имаме ние со зголемените трошоци за живот во ЕУ“, рече Путин.

Тој додаде дека ова е само обид да се префрлат проблемите на Европската унија во Русија и оти всушност станува збор за „погрешни економски одлуки“ на Европската унија. Тој исто така спомна дека некои политички лидери во ЕУ ја злоупотребуваат „еколошката агенда“ и му наметнуваат на светот, на пример африканските земји, откажување од фосилните горива и дека „ги понижуваат, а потоа ги оптоваруваат со заеми“.

„Тоа е само нова форма на неоколонијализам“, рече Путин.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд