Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека влезот на Украина во НАТО ќе ја зголеми меѓународната тензија, еден ден по самитот на воената алијанса во Вилнус.
„Сигурен сум дека тоа нема да ја подобри безбедноста на Украина и дека, генерално, светот ќе биде поранлив поради тоа, а тензиите на меѓународната сцена дополнително ќе се зголемат“, рече Путин на руска телевизија.
Тој додаде дека „заканата за членство на Украина“ во НАТО е токму „една од причините“ за воената интервенција на Русија во таа земја во февруари 2022 година.
Изјавата доаѓа еден ден по самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, на кој на Украина и беше ветена долгорочна воена помош, но не и неизбежен влез во Алијансата.
Одговарајќи на прашање за најавените нови испораки на западно оружје во Киев, особено ракети со долг дострел, Путин рече дека тоа оружје „прави штета, но ништо пресудно не се случува во борбената зона кога се користи“.
„Испораката на ново оружје само ќе ја влоши ситуацијата за украинската страна, што само ќе го интензивира конфликтот“, рече рускиот претседател.
На самитот на НАТО во Вилнус беше заклучено дека иднината на Украина е во НАТО, но не беше утврдена временска рамка за членство.