
Вооружен инцидент предизвика паника вечерва во срцето на Сараево, откако маскиран маж испукал повеќе куршуми кон угостителски објект на Башчаршија. Според првичните информации, во пукањето нема повредени лица.
Инцидентот се случил околу 19:25 часот во улицата „Кундурџилук“, една од најфреквентните улици во историскиот центар на Сараево.
Според информациите што ги пренесува босанскиот медиум „Аваз“, напаѓачот носел фантомка и ракавици и испукал неколку куршуми во правец на познат наргиле-бар, популарно место за собирање млади.
Во моментот на пукањето во локалот имало гости, додека на улицата се движеле голем број граѓани и туристи. Истрелите предизвикале голема вознемиреност и паника меѓу присутните.
Полицијата веднаш пристигнала на местото на настанот, а улицата „Кундурџилук“ била затворена за движење додека трае увидот.
Полициски екипи го обезбедуваат просторот и работат на утврдување на сите околности поврзани со инцидентот, како и на мотивите за нападот.
Според првичните информации, нема повредени лица. Повеќе детали се очекуваат по завршувањето на полицискиот увид и истрагата.

