19-годишникот, чии родители се од Македонија, е еден од двајцата уапсени за планирање терористички напад на концертите на една од моментално најпознатите светски пејачки, Тејлор Свифт, на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена. Концертите требаше да се одржат во следните три дена, но беа откажани поради сериозни безбедносни закани. Според пишувањата на дел од медиумите во Македонија, осомничениот е Беран А., роден во Австрија, но со потекло од Гостивар.
Австриската полиција објави дека двајцата уапсени, меѓу кои и еден 17-годишник, се австриски државјани. Истрагата за планираните напади сè уште е во тек. Според изјавата на генералниот директор на австриската јавна безбедност, Руф, главниот осомничен, кој има македонски корени, се заколнал на верност на Исламската држава пред неколку недели, а се радикализирал преку интернет.
И македонската полиција е вклучена во истрагата, по барање на австриските колеги, со цел да се провери 19-годишникот. Според австрискиот весник „Куриер“, осомничениот наводно планирал да влета со автомобил во толпа од десетици илјади обожаватели кои би стоеле пред стадионот за време на концертот. Потоа, користејќи мачети и ножеви, планирал да ги нападне присутните и да активира бомба направена од украдени хемикалии.