
По трагичната несреќа во Кочани, во која животот го загубија над 59 сограѓани, на социјалните мрежи веќе се објавуваат апели за протест. Протестот е закажан за утре во 13 часот во Градскиот парк и претставува израз на длабока болка и револт за загубените животи, но и за состојбата во која се наоѓа општеството.
„Не можеме да ги вратиме нашите мили сограѓани, но сме должни да се бориме во нивна чест и за нив да го смениме овој неефикасен систем кој не обезбедува сигурност, благосостојба и праведност“, стои во објавата на фејсбук страницата Кочани.
Граѓаните бараат конкретни промени, меѓу кои и борба за град без партиски вработувања, институции кои функционираат, полиција која е тука за нас, инспекциски служби кои ќе ги вршат своите обврски, и јавни простори кои ќе бидат безбедни и чисти.
Протестот ќе биде и за правдата, за секој од нас, за секоја жртва која ја изгубивме, и за сите нас кои го живееме овој град секој ден.
„Потребно е да се преиспита регуларноста на сите угостителски објекти, особено пицериите и кафулињата кои ги проширија своите објекти на нелегален начин, и опасностите кои ги создаваат паркираните коли на тротоарите. Не смеме да ја заборавиме ниту злоупотребата на депониите“, се додава во објавата.
Протестот ќе биде можност за граѓаните да се изразат и да побараат праведност и промени во системот.
