Утрински Весник
Балкан

Протест на опозицијата во Тирана, учесниците фрлаа молотови коктели врз зградата на владата и други државни институции

Image 2026 03 23 083131412.png

Најавен како мирен протест, со марширање низ Тирана, вчерашниот собир на опозицијата многу не се разликуваше од претходните, освен што немаше обраќање на претставници на политичките партии.

Приврзаниците се собраа пред зградата на владата, каде почнаа да фрлаат молотови коктели и пиротехнички средства кон објектот, поради што мораше да интервенира противпожарно возило. Полицијата ја растури толпата со  водени топови и солзавец. 


Предводени од демократскиот лидер, Сали Бериша протести имаше и пред објектот на Министерствата за внатрешни работи, за инфраструктура, како и други институции, меѓу кои и парламентот. Полициски специјалци ја блокираа  улицата кон поранешната вила на Енвер Хоџа, сега културен центар, врз кого минатиот протест фрлаа молотови коктели, во момент кога имало настан со странски уметници. 

Молотови коктели беа фрлани и кон полициски возила.

За првпат, покрај албанското и знамето на ЕУ,  можеше да се видат и германски знамиња, во знак, како што објаснија од партијата,  на „почит за поддршката на германскиот Бундестаг за мисијата на ДП”.

Опозицијата го избра датумот 22 март за овој протест поради историска симболика, бидејќи овој ден се совпаѓа со победата на Демократската партија на првите плуралистички избори во 1992 година, по падот на комунистичкиот режим во земјата.

-Денешниот ден, 22 март, е уште еден голем ден во историјата на демократијата во Албанија, тоа е денот на кој пред 34 години, Албанците се збогуваа од комунистичката диктатура со својот слободен глас. Сега, по  34 години, Албанија е под услови на авторитарна диктатура, или изборна автократија. Му покажавме на Еди Рама и на светот дека никогаш не се согласуваме со изборни фарси, изјави Бериша пред почетокот на протестот.

За безбедноста беа ангажирани над 1600 полициски службеници, како и припадниците на специјалните полициски единици. 

Можете да прочитате

Вучиќ во Абу Даби на средба со Бин Зајед: Србија е солидарна со пријателскиот народ на ОАЕ во тешки околности

Почнува судењето за железничката несреќа кај Темпи пред три години

Голоб победи на изборите, но без мнозинство – Словенија пред неизвесни коалициски преговори