Утрински Весник
Македонија

Просечната возраст во Македонија 42 години, трендот на стареење продолжува

Whatsapp image 2025 03 12 at 15.35.50.jpeg

Демографските показатели за 2025 година покажуваат дека просечната возраст на населението во Северна Македонија изнесува 42,21 година, што е пониско од просекот на Европската Унија, кој според најновите податоци на Евростат достигнува 44,9 години. Иако земјава и понатаму има помладо население во однос на европскиот просек, трендот на стареење е јасно видлив во изминатата деценија.

Во споредба со 2015 година, кога средната возраст изнесувала 37,4 години, забележано е зголемување од речиси пет години. Овој раст укажува на постепено менување на демографската структура, со сè поголем удел на повозрасното население, што е тренд присутен и во повеќето европски земји.

Во регионален контекст, помлада просечна возраст од Македонија има само Црна Гора, каде таа изнесува 40,4 години. Србија бележи повисок просек од 45,4 години, Албанија 44,3 години, додека Грција и Бугарија имаат просечна возраст од по 47,2 години. Во Хрватска и Словенија средната возраст изнесува 45,5 години.

На ниво на Европската Унија, најмладо население има Ирска со просечна возраст од 39,6 години, додека најстаро население има Италија, каде средната возраст достигнува 49,1 година. Во ЕУ во целина, средната возраст е зголемена за 2,1 година во споредба со 2015 година, кога изнесувала 42,8 години. Намалување на средната возраст е регистрирано само во Германија и Малта, и тоа за 0,4 години.

Најголемо зголемување на просечната возраст во изминатите години е забележано во Словачка и Кипар, каде таа пораснала за четири години. Следуваат Италија со раст од 3,9 години, како и Грција и Полска со пораст од по 3,8 години, додека во Португалија е забележано зголемување од 3,7 години.

Податоците на Евростат потврдуваат дека процесот на стареење на населението е долгорочен демографски тренд, присутен и во Македонија и во Европа, со постепено поместување на структурата на населението кон повозрасни генерации, што отвора прашања за пазарот на труд, пензискиот систем и идниот економски развој.

Можете да прочитате

Перински: Поддршка за локалниот потенцијал: Објавен повик за зголемување на регионалната конкурентност

Николоски: Уште две нови авиолинии кон Италија, од јули од Скопје ќе се лета кон Сардинија и Сицилија

Аврамовски од ЛДП: Потребни се искрена посветеност и сериозен ангажман од власта во надминувањето на кризата со транспортерите