Утрински Весник
Свет

Пронајдени остатоците од авионот што се урна во Алјаска, сите 10 лица загинаа

20250208091741 Big 730x400 46.webp.webp

Пронајдени се остатоците од малиот авион што завчера се урна во западна Алјаска, а сите 10 лица кои биле во него се загинати, соопштија властите.

Авионот „Беринг Ер“ Цесна 208Б Гранд караван исчезна од радарот на пат кон Ноум од Уналаклит во четвртокот попладне по локално време. Во авионот биле пилотот и девет патници, пренесува Бета.


Несреќата е една од најсмртоносните во таа американска држава во последните 25 години.

Спасувачите го бараа леталото со хеликоптер на неговата последна позната локација кога беа пронајдени остатоците, изјави Мајк Салерно, портпарол на американската крајбрежна стража.

Авионот се наоѓал на околу 54 километри од Ноум на замрзнатото море.

Двајца нуркачи на крајбрежната стража беа спуштени за да ја испитаат ситуацијата, а сега се прават напори што поскоро да се извлечат мртвите, бидејќи во следните 18 часа се предвидува влошување на времето и нестабилен мраз.

Американската Национална управа за безбедност на транспортот (NTSB) испраќа девет лица на местото на несреќата за да ги истражат околностите.

Летањето е вообичаен начин на транспорт во Алјаска поради големата површина и ограничената инфраструктура. Повеќето заедници не се поврзани со главните патишта и обично се патува со мали авиони.

„Беринг Ер“ опслужува 32 села во западна Алјаска од центрите во Ноум, Коцеб и Уналаклит. Има два лета дневно од понеделник до сабота за повеќето дестинации.

Ова е трета голема несреќа во САД во последните осум дена. Патнички авион и воен хеликоптер се судрија во главниот град Вашингтон на 29 јануари, при што загинаа 67 лица. Медицински транспортен авион се урна во Филаделфија на 31 јануари, при што загинаа сите шест лица во него и едно лице на земја.

Можете да прочитате

Европската унија ќе реагира на одлуката на САД за увозни царини на челик

Трамп: Се враќаме на пластичните сламки, пластиката нема да има големо влијание врз ајкулите

Трамп во интервју за Фокс Њуз: Украина „можеби некогаш ќе биде руска“