Утрински Весник
Македонија

Професорот Кекеновски до ЕУ поднесе Анекс на Францускиот предлог

Kekenovski.jpg

Професорот Јове Кекеновски до Делегацијата на ЕУ во Скопје достави предлог Анекс за измени и дополнување на Францускиот предлог.

Кекеновски бара од евроамбасадорот Рохас да го проследи приложениот предлог за дополнување на Францускиот предлог во рамките на преговарачката рамка за Република Македонија до Претседателството на Советот на Европската Унија и до Претседателката на Еврпската комисија Урсула фон дер Лајен.


„Сметам дека овој предлог може да придонесе за напредок во преговорите и за постигнување правично и одржливо решение кое ќе ги гарантира македонскиот јазик и национален идентитет, а истовремено ќе го поттикне добрососедството и европската солидарност. Со ова писмо сакам да ви предложам иницијатива за дополнување на Францускиот предлог во преговарачката рамка за Република Македонија преку формален Анекс кој би овозможил јасни и правно обврзувачки гаранции за македонскиот јазик и национален идентитет, како и механизми за деполитизирање на билатералните историски прашања со Република Бугарија“ пишува Кекеновски.

Според него, таков Анекс ќе овозможи продор во застојот на преговорите, со зачувување на европските вредности, добрососедството и европската солидарност, и ќе даде сигурност и на двете страни.

„Би бил благодарен доколку овој мој предлог биде разгледан во рамките на претстојните активности на Европската Комисија и работата на Претседателството на Советот на ЕУ. Предлог-Анексот не ги менува постоечките членови од Францускиот предлог, туку ги дополнува и конкретизира, обезбедувајќи правна сигурност и јасност во однос на клучните прашања. Ова може да помогне во надминување на застојот во преговорите и да создаде основа за понатамошен конструктивен дијалог“ порачува Кекеновски.

Во продолжение текстот на предлог-Анексот:

Член 1 – Признавање на македонскиот јазик
Европската унија потврдува дека македонскиот јазик претставува официјален јазик на Република Северна Македонија и е составен дел од културното и јазичното богатство на Унијата. Во сите официјални документи, преводи и комуникации, се користи формулацијата „македонски јазик“, без фусноти, објаснувања или дополнителни квалификации.

Член 2 – Почитување на националниот и културниот идентитет
Европската унија признава дека националниот, културниот и историскиот идентитет се прашања од суверено внатрешно значење за државите-кандидатки. Тие нема да бидат предмет на условување, интерпретација или оценување во рамки на пристапните преговори.

Член 3 – Улога на заедничката историска комисија
Работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања има консултативен и стручен карактер. Нејзините предлози немаат обврзувачка правна сила и не претставуваат услов за отворање или затворање на преговарачките поглавја.

Член 4 – Неприменување на билатерални прашања како услов
Европската унија и земјите-членки се обврзуваат да не дозволат билатерални историски или идентитетски прашања да станат инструмент за блокирање или условување на напредокот на земјата-кандидат. Прашањата од билатерален карактер ќе се решаваат преку дијалог, во дух на добрососедство, без да се попречува европската интеграција.

Член 5 – Европски дух и билатерална соработка
Европската унија ја охрабрува и ги поздравува напорите на Република Бугарија во промоција, и доследно практикување и заштитата на европските вредности, вклучително и посветеноста на добрососедските односи и правата на малцинствата.
Унијата охрабрува понатамошен конструктивен дијалог меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија во насока на градење на заедничка европска иднина, заснована на меѓусебна почит, разбирање и европска солидарност.

Член 6 – Неразделивост на анексот
Овој Aнекс претставува составен дел од Преговарачката рамка и ќе биде земен предвид при сите идни проценки на напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување.

Можете да прочитате

ВРЕДИ: ДУИ 20 години ја користи коцката како банкомат

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Филипче треба да престанат да ја кодошат Македонија и да измислуваат проблеми кои ги нема

Уставниот суд оформил 71 нов предмет во второто тримесечје од 2025