Утрински Весник
Магазин

Продаден култниот хотел „Бристол“ во центарот на Скопје

J mg 9023j 0.3x.jpg

Еден од најпрепознатливите историски објекти во центарот на Скопје – хотелот „Бристол“, официјално доби нов сопственик. Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, АД „Македонијатурист“ го продаде култниот хотел на компанијата ГМ Проперти, додека вредноста на трансакцијата засега не е јавно објавена. Се очекува информацијата за износот на купопродажбата да биде соопштена во наредниот период преку Македонската берза.

Продажбата доаѓа откако Собранието на акционери на „Македонијатурист“ во мај годинава донесе одлука за отуѓување на хотелите „Бристол“ и „Јадран“, познат и како „Арапската куќа“, како и на дополнителен недвижен имот во централното градско подрачје. Освен двата хотели, во продажба се опфатени и станови на улицата „Максим Горки“, како и деловниот простор „Пивница“.


Новиот сопственик, ГМ Проперти, е компанија основана во октомври 2024 година за услужни дејности. Според јавно достапните финансиски податоци, компанијата досега нема пријавено приходи ниту вработени, но располага со банкарско кредитирање во вредност од околу пет милиони евра, односно повеќе од 300 милиони денари.

Како единствен сопственик на компанијата е евидентиран Емил Кратовалиев, член на Управниот одбор на осигурителната компанија „Уника“. Меѓу основачите на фирмата бил и Зоран Антиќ, сопственик на „МГ Фешн“ и акционер во „Македонијатурист“, кој во текот на 2026 година излегол од сопственичката структура.

Хотелот „Бристол“ претставува едно од најзначајните архитектонски и историски обележја на Скопје. Изграден е во 1923 година по иницијатива на познатите скопски трговци Атанас (Ташко) и Ристо Караџа, а свечено бил отворен на 24 април 1924 година.

Сместен на денешната улица „Македонија“, во непосредна близина на тогашната Железничка станица, „Бристол“ со децении бил едно од најважните места за престој на патници, дипломати, трговци и јавни личности кои го посетувале Скопје. Во периодот меѓу двете светски војни и во годините што следувале, хотелот бил симбол на скопскиот боемски живот и едно од најелитните места во градот.

Во своето време важел за еден од најмодерните хотели во Македонија, со телефонски линии во собите, сопствена гаража, ресторан и 33 сместувачки единици – содржини кои тогаш претставувале вистински луксуз.

Со продажбата на „Бристол“ започнува ново поглавје за еден од најстарите сочувани хотели во Скопје, додека јавноста очекува да стане познато дали новиот сопственик ќе го реставрира и повторно ќе му ја врати некогашната функција или објектот ќе добие сосема нова намена. Во меѓувреме, во тек е и постапката за продажба на хотелот „Јадран“, уште еден препознатлив објект од старото градско јадро.

Можете да прочитате

Дневен хороскоп за 14 Јули 2026 година

Ентони Хопкинс на 88 години објавува музички албум на кој работел 60 години

Грицки што не дебелеат и можете да ги јадете без вина