Утрински Весник
Свет

Приштина почна да поставува контејнери за избирачките места на северот на Косово

Приштина почна да поставува контејнери за избирачките места на северот на Косово

Косовските власти почнаа да поставуваат контејнери што ќе служат како гласачки места за вонредните локални избори на северот од Косово, пренесува „Вечерње новости“.

dobivaj vesti na viber

Имено, како што соопшти во средата косовската Централната изборна комисија, планирани се 19 избирачки места во сите четири општини на северот од Косово, од кои повеќето се алтернативни.

Денеска, до 14 часот контејнери биле поставени во полициската станица во Лепосавиќ, на кривината кон Бањска во општина Звечан, како и на патот Митровица – Лепосавиќ на кривината кон селото Жаже.

Изборите се закажани за 23 април во општините Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, населени претежно со Срби. Тие првично беа закажани за 18 декември минатата година, но беа одложени во последен момент по барање на меѓународната заедница.

Сепак, најголемата партија на Србите во Косово, Српската листа, најави дека нема да учествува на овие избори бидејќи не се исполнети условите што ги постави во ноември минатата година за време на барикадите на северот од Косово; формирање заедница на српските општини и повлекување на косовската специјална полиција РОСУ од северот на Косово.

И мнозинството Срби во северно Косово цврсто стојат на ставот дека нема да учествуваат на вонредните локални избори закажани за недела или на какви било други избори додека не се формира заедницата на српски општини и Приштина не го исполни договорот.

Во трката за градоначалници на четири општини на северот од Косово има вкупно 11 кандидати од четири албански политички партии, а од српските кандидати се пријавиле само Александар Јаблановиќ од Партијата на косовските Срби за градоначалник во Лепосавиќ и независната кандидатка Слаѓана Пантовиќ за градоначалник на Звечан.

Во меѓувреме КФОР соопшти дека вонредните локални избори в недела на северот од Косово ќе ги обезбедува косовската полиција, пренесува „Коха“.

Од КФОР велат дека ќе ја следат состојбата на северот и дека ќе ја одржуваат подготвеноста на единиците на највисоко ниво за секое можно сценарио, но и дека очекуваат косовските институции ефикасно да ја менаџираат ситуацијата.

Во соопштението од КФОР се додава дека „мисијата предводена од НАТО останува целосно фокусирана на секојдневното спроведување на својот мандат, кој произлегува од резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година – да обезбеди безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово“.

 

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници