Утрински Весник
Свет

Принцот Хари порача на Путин да ја запре војната – 24info.mk

Scsh92bxr6 princot hari ostana bez telohranitel ja zagubi pravnata bitka i sega mora da plati recisi 2 milioni evra.jpeg

Принцот Хари денеска упати директен апел до рускиот претседател Владимир Путин да ја запре војната, осудувајќи ги, како што рече, систематските воени злосторства во украинскиот конфликт, за време на ненадејна посета на Киев.

Хари одржа долг и емотивен говор на Киевскиот безбедносен форум, истакнувајќи дека не е таму како политичар, туку како војник кој ја разбира службата и како хуманитарец.


Во редок јавен настап посветен на глобални прашања, најмладиот син на британскиот крал упати пораки и до САД, без директно да го спомене претседателот Доналд Трамп, повикувајќи го американското раководство да ги почитува своите меѓународни договорни обврски и својата трајна улога во глобалната безбедност.

Обраќајќи му се на Путин, Хари порача дека ниту една држава нема корист од постојаното губење животи на кое сведочи светот.

„Сè уште постои момент, токму сега, да се запре оваа војна, да се спречи понатамошното страдање и на Украинците и на Русите и да се избере поинаков пат“, изјави Хари.

Тој ги осуди систематските воени злосторства и, како што рече, застрашувачкиот однос кон украинските деца.

„На окупираните територии има сè повеќе документирани докази за систематски воени злосторства: намерни напади врз цивили, масовни убиства, мачење, сексуално насилство и присилна депортација на цели заедници“, рече Хари.

Според него, присилното преместување деца од една национална група во друга, според меѓународното право, не е само воено злосторство, туку може да претставува и чин на геноцид кога се спроведува со намера за уништување на идентитетот на еден народ.

„Тоа не е споредна штета, ниту хаос од војната што се прелева. Тоа е организирано, систематско, намерно и осмислено да трае долго по завршувањето на борбите“, порача тој.

Хари нагласи и дека САД имаат единствена улога во овој конфликт, не само поради својата моќ, туку и затоа што биле дел од гаранциите за украинскиот суверенитет и граници кога Украина се откажала од нуклеарното оружје.

„Ова е момент за американското раководство, момент за Америка, да покаже дека може да ги исполни своите меѓународни договорни обврски, не од милосрдие, туку поради својата трајна улога во глобалната безбедност и стратешката стабилност“, изјави Хари.

Тој оцени дека конфликтот не е само војна за територија, туку и војна за вредности и суверенитет, при што ја пофали издржливоста на украинскиот народ.

„Вака изгледа лидерство во современиот свет“, порача принцот Хари, осврнувајќи се и на огромните човечки жртви што ги предизвика војната.

Можете да прочитате

Руската нафта повторно тече кон Словачка и Унгарија: Фицо смета дека нафтоводот „Дружба“ воопшто не бил оштетен

Трамп: Пукајте и потопете ги сите бродови во Ормускиот теснец!

Русија доби покана за учество на Самитот на Г20 во САД