Во завршните епизоди од документарната серија на „Нетфликс, принцот Хари и Меган покажаа фотографии од своите деца Арчи и Лилибет кои јавноста немала можност да ги види до сега.
„Јас како татко, или поточно ние како родители, чувствуваме дека согласноста е клучна овде. Значи, ако имате деца, треба да имате право да се согласите на она што се споделува“, вели принцот Хари во серијата, објаснувајќи зошто тие ги покажаа фотографиите.
„Бевме многу совесни да ги заштитиме нашите деца најдобро што можеме, но и да ја разбереме нивната улога во ова историско семејство“, додаде неговата сопруга, војвотката од Сасекс, Меган Маркл.
„Нетфликс“ во четвртокот ги објави последните три епизоди од документарецот „Хари и Меган“.
Војводата и војвотката од Сасекс открија нови детали од нивната венчавка и заминувањето од Велика Британија, но упатија и голем број нови, сериозни обвинувања на сметка на кралското семејство.