Утрински Весник
Македонија

Приказната за првите македонски пасоши – Глигоров го добил пасошот 001, Михајловски 101

Screenshot 2026 09 07 162818.jpg

Три и пол децении по прогласувањето на независноста, спомените од создавањето на македонската држава и натаму живеат преку луѓето кои непосредно ги следеле историските настани. Еден од нив е новинарот Горан Михајловски, кој во интервју за 4ТВ раскажува за првите години на независноста, но и за еден документ кој и денес го чува како лично сведоштво за создавањето на државата македонскиот пасош со број 101.

Михајловски од периодот на осамостојувањето зачувал повеќе предмети со историска и лична вредност – меѓу нив првите македонски денари и примерок од првиот Устав на независна Македонија со потпис од првиот претседател Киро Глигоров.

Но, посебно место во неговата колекција има првиот македонски пасош што го добил.

Пасошот со број 001 му припаднал на претседателот Киро Глигоров, додека Михајловски го добил пасошот со број 101.

Како што раскажува во интервјуто за 4ТВ, во периодот кога новата држава ги создавала своите институции и документи, тој постојано инсистирал кај тогашниот директор во Службата за јавна безбедност, Павле Трајанов, дека сака да биде меѓу првите што ќе добијат македонски пасош.

„Кога ќе направиме пасош, сакам да имам пасош!“, се присетува Михајловски.

Повикот стигнал веднаш откако биле испечатени првите примероци. Во полициската станица „Беко“, пред камерите на Македонската телевизија, му бил врачен новиот документ – синиот македонски пасош со број 101.

Токму со него Михајловски почнал да патува низ светот во период кога младата македонска држава сè уште се борела за меѓународно признавање.

Првото негово патување со македонски пасош било на Лондонската конференција за поранешна Југославија, каде како новинар ја следел македонската државна делегација. Во време кога голем дел од неговите колеги сè уште патувале со југословенски патни исправи, Михајловски на аеродромите го покажувал новиот македонски документ.

Пасошот предизвикувал и чудење, но понекогаш и проблеми.

На самитот на ОБСЕ во Португалија бил тргнат настрана при контролата бидејќи Македонија во тој период сè уште немала целосно меѓународно признавање.

Необична била и процедурата за неговото патување во Соединетите Американски Држави. Американската виза не била ставена директно во македонскиот пасош, туку била издадена на посебен лист хартија прикрепен во него, бидејќи Вашингтон во тој момент сè уште официјално не ја признавал македонската патна исправа.

Триесет и пет години подоцна, пасошот број 101 останува документ од времето кога независноста не била само политичка одлука, туку процес во кој практично од почеток се создавале институциите и државните обележја.

Михајловски е сведок и хроничар на речиси целиот период на македонската независност. Својата колумна „Сакам да кажам“ ја започнал во јануари 1991 година во весникот „Вечер“, уште пред референдумот и официјалното осамостојување на државата.

Во следните три и пол децении како новинар бил сведок на некои од најзначајните, но и најтешките моменти од поновата македонска историја – еуфоријата на плоштадот на 8 септември 1991 година, повлекувањето на ЈНА, атентатот врз претседателот Киро Глигоров, двете авионски несреќи во 1993 година, конфликтот во 2001 година, загинувањето на претседателот Борис Трајковски, како и долгогодишните блокади и преговори околу името.

По повод 35 години од независноста, неговото сведоштво за 4ТВ и предметите што ги зачувал од почетоците на државата претставуваат потсетник на периодот во кој Македонија ги правела своите први чекори како независна држава – кога дури и еден пасош бил симбол на новостекнатата државност.

Можете да прочитате

Станот како дом или како капитал?

Утре Македонија под портокалова фаза поради високи температури

Воздушна битка со пожарот кај „Јасен“: ДЗС ги крена сите три „Ер трактори“