Конфликтот меѓу шефот на озлогласената руска приватна платеничка компанија Вагнер, Евгениј Пригожин и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу продолжува.
Пригожин денеска објави писмо во кое цинично го повикува Шојгу да го посети Бахмут.
Тој со недели се жалеше дека руското Министерство за одбрана не доставува доволно муниција на неговите платеници, кои со месеци се обидуваат да го заземат украинскиот град Бахмут.
„Почитуван Сергеј Кужугетович, моментално единиците на приватната воена компанија Вагнер контролираат повеќе од 95% од населбата Бахмут и продолжуваат со офанзивните операции со цел целосно ослободување. На крилата на Вагнер, каде што се наоѓаат силите на вооружените сили на Руската Федерација, непријателот започна серија успешни контранапади.
Имајќи ја предвид моменталната тешка оперативна ситуација, како и вашето долгогодишно искуство во борбени операции, ве повикувам да дојдете на територијата на Бахмут, која е под контрола на паравоените сили на Руската Федерација, и самостојно да ја процените сегашната ситуација. Однапред ви благодарам, го очекувам вашиот договор“, се вели во писмото до рускиот министер што Пригожин го објави денеска.