Утрински Весник
Свет

Претставничкиот дом дозволи зголемување на лимитот за задолжување на САД

Претставничкиот дом дозволи зголемување на лимитот за задолжување на САД

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го усвои вчера законот за привремено укинување на лимитот за задолжување, кој моментално изнесува 31,4 трилиони долари, благодарение на поддршката на демократите и републиканците, членови на центарот на двете партии, пренесува „Војс оф Америка“.

dobivaj vesti na viber

Во вторникот вечерта, непартиската Канцеларија за буџет на Конгресот пресмета дека предлогот ќе резултира со заштеда од 1,5 трилиони долари во следните десет години.

Противењето на конзервативното, десно крило на Републиканската партија беше надминато и беше избегнато катастрофалното сценарио САД да не можат да си ги платат задолжувањата.

Претставничкиот дом, во кој има тесно републиканско мнозинство, го испрати законот до Сенатот, кој ќе треба да ја усвои мерката и да му ја достави за потпис на претседателот Џо Бајден пред крајниот рок во понеделник, кога се очекува федералната влада да остане без пари.

„Овој договор е добра вест за американскиот народ и за американската економија. Го повикувам Сенатот да го усвои што е можно побрзо за да можам да го потпишам “, рече Бајден по гласањето.

Предложената мерка, компромис меѓу Бајден и претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, наиде на противење кај 71 тврдокорни конзервативни републиканци. Тоа вообичаено би било доволно за да се блокира меѓупартискиот предлог, но 165 демократи – повеќе од 149-те републиканци кои гласаа – ја поддржаа мерката и овозможија да помине.

Законот привремено го укинува лимитот за задолжување на федералната влада до 1 јануари 2025 година, што им овозможува на Бајден и Конгресот да го тргнат настрана политички ризичното прашање до претседателските избори во ноември 2024 година.

Со него, исто така, се бара замрзнување на федералните трошоци до 2024 година и нивно зголемување за 1% во 2025 година, се забрзува процесот на издавање дозволи за одредени енергетски проекти, ѝ враќа на федералната влада 30 милијарди долари непотрошена помош од пандемиските фондови и ги зголемува барањата за квалификување за програмите за помош во храна, т.е. „бонови за храна“.

Републиканците од тврдата струја сакаа поголемо намалување на трошоците, а либерал-демократите, кои заедно со Бајден се спротивставија на преговорите за плафонот на долгот, беа против законот по неколку основи, вклучително и новите услови за корисниците на владините програми за помош на сиромашните.

„Републиканците нè принудија да одлучиме кои ранливи Американци ќе добијат шанса да јадат и нè ставија во ситуација да не можеме да си ги платиме долговите. Тоа едноставно не е во ред“, рече демократскиот конгресмен Џим Мекговерн.

Битката околу законот се претвори и во тест за авторитетот на Мекарти како претседател на Претставничкиит дом. Мекарти беше избран во јануари по 15 круга гласање, откако им вети на ултраконзервативните членови на Конгресот дека ќе биде повеќе вклучен во напорите за намалување на буџетот на владата.

САД хронично страдаат од дефицит од неколку илјади милијарди долари секоја година, што само го зголемува долгорочниот, вкупен долг.

Можете да прочитате

Киев ги зајакна безбедносните мерки по нападите со руски балистички проектили

Во Јапонија минатата година регистрирани рекордни 122.806 случаи на злоставување деца

Американската централна банка потврди рекордна загуба