
Соопштение за јавност на СДСМ:
По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, заедно со заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, и генералниот секретар на партијата, Александар Димитријевиќ, положија цвеќе и оддадоа почит на вечните почивалишта на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, поранешниот претседател Борис Трајковски и првиот премиер на државата, Никола Кљусев.
Со овој чин, СДСМ ја изразува својата благодарност и почит кон државниците кои со својата посветеност и визија оставија траен белег во создавањето на независна, суверена и демократска Македонија. Нивната мисија не беше лесна, но благодарение на нивната мудрост и државнички пристап, успеаја да го трасираат патот кон стабилна, современа и просперитетна држава.
Претседателот Филипче посочи дека Глигоров, Трајковски и Кљусев го трасираа патот по кој и денес чекориме, пат кој не смееме да го напуштиме, во 1991 се изборивме за независност, денес мора да се избориме за подобра иднина. Тоа не е ниту лесна, ниту брза борба, но е борба вредна за сите граѓани на Македонија, рече Филипче.
Одбележувањето на Денот на независноста не е само потсетување на минатото, туку и обврска за иднината – заедничка, праведна и европска Македонија.