Утрински Весник
Свет

Претседателот на Иран во ОН: Не сакаме нуклеарно оружје

Irir.png

Денес, во говорот на Генералното собрание на ОН во Њујорк, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да гради нуклеарно оружје, со што ги отфрла тврдењата на Западот за тоа.

„Тука уште еднаш изјавувам пред ова Собрание дека Иран никогаш не се обидел и никогаш нема да се обиде да изгради атомска бомба. Ние не сакаме нуклеарно оружје“, рече Пезешкијан.


Преговорите на Иран со Франција, Велика Британија и Германија продолжуваат во обид да се постигне договор за контрола на нуклеарната програма на Иран и да се избегне повторното воведување на санкциите на ОН врз Техеран од саботата, што беше договорено од Советот за безбедност на ОН минатата недела, но таа одлука сепак може да се промени.

Претседателот на Иран ја оцени одлуката на Советот за безбедност како „нелегална“ и рече дека Европејците „ги оцрнуваат напорите на Иран, сметајќи ги за недоволни“.

Договорот од 2015 година, потпишан од Франција, Велика Британија, Германија, САД, Кина, Русија и Иран, предвидуваше намалување на нуклеарните активности на Техеран.

Сепак, во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, американскиот претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од договорот и повторно воведе санкции врз Иран. Потоа Техеран се откажа од одредени обврски, особено ограничувањата за збогатување на ураниум.

Западните земји се сомневаат дека Иран се обидува да се здобие со нуклеарно оружје. Техеран го негира ова и го брани своето право да развива цивилна нуклеарна програма.

Можете да прочитате

Најмалку 84 загинати во денешните израелски напади во Газа

Турција изгради ѕид долг 204 километри на границата со Иран

Писториус: Руски авион прелета над германска фрегата во Балтикот